Служењето и апостолската дејност не ја спречуваат средбата со Бога, туку се нејзин плод, потсети Папата, нагласувајќи ја важноста да се поучуваат новите генерации како да се искуси молитвата и послушноста кон Божјото вдахновение.
На 7 ноември 2024 година, Светиот Отец на аудиенција во Апостолската палата прими група ходочесници кои пристигнаа во Ватикан по повод прославата 450-години од Августинскиот женски манастир во шпанскиот град Талавера де ла Реина.
„Од своето основање, овој манастир комбинира контемплативен живот, со служење и образување во христијанството, а многумина од вас можеби стапиле во контакт со овие монахињи за време на школските години“, истакна папата Фрањо, нарекувајќи го начинот на живот на монахињите пример за тоа како служењето и апостолската дејност не ја спречуваат средбата со Господа, туку треба да бидат нејзин плод.
Бидете пример за духовен живот
Папата ги замоли ходочесниците да го дадат својот благослов на шпанските Августинки, барајќи од нив не само да се молат за него, туку и „да бидат пример за духовниот живот, учители на молитвата, така што во училиштето, меѓу различните знаења, можат да ја пренесат на децата способноста да разговараат со Бога, да го слушаат, да го чувствуваат неговото присуство во секоја минута од животот и да го прифатат неговото вдахновение со послушност“.
Светоста секогаш носи радост
Папата ги повика присутните никогаш да не ја губат смислата за хумор. Истакна дека светоста секогаш носи радост и го даде примерот на Свети Томас Мор. Светиот Отец вети духовна близина со сите жители на Шпанија во врска со големите поплави што ја зафатија Валенсија, а исто така ги охрабри ходочесниците да ги земат при срце проблемите на другите луѓе.
450 години молитва и служба
Августинскиот манастир во Талавера де ла Реина е именуван по Свети Илдефонсо и е основан во 1573 година од шпанскиот светец Алфонсо де Ороско. Во текот на својата историја, помина низ многу искушенија. Периодот на Шпанската граѓанска војна бил особено тежок, за време на кој монахињите биле принудени да го напуштат својот историски дом на одредено време. Денес, Августинките продолжуваат да го комбинираат контемплативниот живот со активност во образовната сфера, посветувајќи големо внимание на работата со семејствата и младите.
Ватикан њуз/к.мк