На Задушница, Папата служеше света Литургија на гробиштата Лаурентино во Рим и се молеше посебно за неродените деца

На Задушница, Папата служеше света Литургија на гробиштата Лаурентино во Рим и се молеше посебно за неродените деца

На Задушница, 2 ноември 2024 година, папата Фрањо ги посети Римските гробишта „Лаурентино“, трети по големина гробишта во Рим, каде служеше света Литургија и се помоли за покојните. Пред светата Литургија, застана во „Градината на ангелите“, простор посветен на децата кои починале при породувањето, каде што застана во молитва пред надгробните споменици опкружени со играчки. За време на светата Литургија тој не одржа проповед, туку неколку моменти се молеше во тишина. На крајот, ги поздрави „Искрите на надежта“, група мајки обединети во болката заради загубените деца.

На гробиштата „Лаурентино“, кои зафаќаат дваесет хектари во јужниот дел на градот Рим, Папата беше пречекан од градоначалникот Роберто Гуалтиери и претставници на општинските власти од тој дел на градот. Таа беше втора посета на Папата на гробиштата создадени на почетокот на овој век. Светиот Отец најпрвин ја посети „Градината на ангелите“, каде што се погребуваат децата кои починале при породување или прерано починале. Таму пред Литургијата накратко застана пред гробовите и положи букет бели рози на каменот со натпис „Градина на ангелите“, а потоа служеше света Литургија покрај капелата изградена во 2010 година.

За време на светата Литургија, папата Фрањо не одржа проповед, туку тивко се молеше. Пред благословот ги кажа овие зборови:

Посетувајќи ги гробиштата, почивалиштата на нашите починати браќа и сестри, да ја обновиме нашата вера во Христа, Кој умре за нашето спасение, Кој беше погребан и воскресна. Дури и смртните тела ќе се разбудат во последниот ден, а оние што се упокоиле во Господа ќе се соединат со Него во победата над смртта.

Папата ги повика сите присутни да упатат заедничка молитва до Бога за вечен покој на упокоените:

Слушни ја молитвата што Ти ја упатуваме за сите наши најблиски кои го напуштија овој свет, рашири ги рацете на Твојата милост и прими ги во славниот хор на светиот Ерусалим. Утеши ги оние што страдаат поради разделбата, со сигурноста дека мртвите живеат во тебе и дека нивните тела, доверени на земјата, еден ден ќе учествуваат во воскреснатаа победа на Твојот Син. Ти, Кој ја постави Пресвета Богородица како светол знак на патот на Црквата, зацврсти ја нашата вера со нејзиното застапништво, да не нè одврати ниедна пречка од патот што води кон Тебе, Кој си вечната слава. Преку Христос нашиот Господ.

За време на посетата, папата Фрањо беше пречекан од група мајки кои во младоста загубиле син или ќерка и се собрани во здружението наречено „Искри на надежта“. Секоја од нив му подари на Папата бел шал: „Тоа е нашата топла прегратка за него, симболична прегратка и за нашите деца“, објаснија тие, изразувајќи благодарност за „сериозниот и полн со почит“ молк на Папата за време на светата Литургија и за неговото присуство на гробиштата Лаурентино. Овие гробишта се доказ за нашата приврзаност и силен начин да бидеме блиску до нашите деца“, посочија претставници на здружението „Искри на надежта“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот