Папата: Зборот на Богот на мирот нека биде иднината на Светата Земја, на Блискиот Исток и на светот
За време на средбата со ходочесниците во првата недела од август, Папата го сврте вниманието кон Либан, каде што во петок беше прогласен за блажен маронитски патријархот од 17 век, изрази загриженост за ескалацијата на Блискиот Исток и настаните во Венецуела и изрази сочувство за жртвите од природната катастрофа во Индија.
Неделните средби на папата Фрањо со ходочесниците се можност да се споделат радости и болки со различни делови од светот, сумирајќи различни настани кои често се полни со страдање и вознемиреност. Првиот настан што го спомна, говорејќи по молитвата „Ангел Господов“ во недела, 4 август 2024 година, беше беатификацијата во Либан на патријархот Стефан, кој ја водеше Маронитската црква од 1670 до 1704 година, „во тежок период, исто така обележан и со прогонство.“ .
„Учител на верата и грижлив пастир, беше сведок на надежта, секогаш близок до луѓето. Либанскиот народ и денес страда! Конкретно, мислам на семејствата на жртвите од експлозијата во пристаништето во Бејрут. Се надевам дека правдата и вистината ќе се воспостават што побрзо. Новиот блаженик нека ја поддржува верата и надежта на Црквата во Либан и нека посредува за оваа мила земја“, рече Папата, потсетувајќи на трагичните настани што се случија пред четири години, кога во страшната експлозија на 4 август 2020 година загинаа десетици луѓе, а илјадници луѓе беа повредни и ги загубија своите живеалишта.
Војната е пораз
Папата понатаму рече дека со загриженост следи што се случува на Блискиот Исток, повикувајќи да се спречи проширување на конфликтот, кој и онака е „ужасно крвав и брутален“. Ја вети својата молитва за сите жртви, „особено за невините деца“, изразувајќи ја својата близина со пријателската заедница во Светата Земја, како и со народот на Палестина, Израел и Либан. „Да имаме храброст да го продолжиме дијалогот, веднаш да се прекине огнот во Газа и на сите фронтови, да се ослободат заложниците и да се обезбеди хуманитарна помош за луѓето. Нападите, дури и целните, и атентатите никогаш не можат да бидат решение за проблемот. Не помагаат да се оди по патот на правдата, патот на мирот, туку создаваат уште поголема омраза и одмазда. Доста е, браќа и сестри! Доволно е! Не го замолчувајте зборот на Богот на мирот, туку нека биде иднината на Светата Земја, на Блискиот Исток и на целиот свет! Војната е пораз!“ – нагласи Светиот Отец.
Дијалог во Венецуела
Потоа, Петровиот наследник го сврте вниманието кон Венецуела, која се соочува со критична ситуација. „Искрено ги повикувам сите страни да ја бараат вистината, да покажат воздржаност, да избегнуваат какво било насилство, да ги решаваат спорните прашања преку дијалог, имајќи го предвид вистинското добро на населението, а не парцијалните интереси“, рече Светиот Отец, доверувајќи ја оваа земја под застапништвото на Пресвета Богородица и блажениот Хозе Хернандез, „чиј лик ги обединува сите“.
Молитва за жртвите во Индија
Светиот Отец не ја заборави ситауцијата на населението во Индија, особено државата Керала, која страда од последиците од монсунските дождови, кои предизвикаа лизгање на земјиштето, што доведе до смрт на луѓе и значителна материјална штета. „Ве поттикнувам да ми се придружите во молитвата за оние кои ги загубија животите и за сите погодени од таа страшна природна катастрофа“, рече Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк