Ангел Господов: Дали ја хранам душата со елеј?

Ангел Господов: Дали ја хранам душата со елеј?

За време на неделната молитва Ангел Господов од прозорецот на својата работна соба во Апостолската палата во Ватикан, папата Фрањо размислуваше за параболата за десетте девојки и ја истакна потребата да се биде подготвен, негувајќи го „елејот“ на нашите души и секој ден посветувајќи време на она што е навистина важно и што нè приближува до Господ и другите.

Папата Фрањо ги повика верниците секојдневно да ја хранат својата душа со „елеј“ за да бидат подготвени за Господ и другите.

Ова го истакна за време на неделната молитва Ангел Господов, на 12 ноември 2023 година, на плоштадот Свети Петар, осврнувајќи се на неделното Евангелие според Матеј, во чиј центар е параболата за десетте девојки повикани да се сретнат со младоженецот.

Евангелието, рече Папата, ни ја нуди парабола за смислата на животот на секој човек.

Десетте девојки и нивните светилки

Сите овие девојки се таму за да го пречекаат младоженецот, односно сакаат да го запознаат, исто како што ние сакаме среќно исполнување на животот: разликата меѓу мудрите и неразумните, според тоа, не е во добрата волја. Не е ни во точноста со која дојдоа на таа средба: сите се таму. Разликата меѓу мудрите и неразумните, како што рече папата Фрањо, лежи во нешто сосема друго: во подготовката.

Мудрите заедно со светилките земале и елеј во садовите, но не и неразумните, истакна Папата. Еве ја разликата: елејот. А кое е едно од својствата на елејот?, праша тој. Да не се гледа: во светилката е, не се забележува, но без него светилките не светат, истакна Римскиот бискуп.

Управување со внатрешниот живот

Папата ги повика верниците да ја согледаат важноста на оваа парабола во нивните сопствени животи.

Ако погледнеме во себе, ќе видиме дека истата опасност ни се заканува и во нашите животи, рече Папата, признавајќи дека денес посветуваме многу внимаваме на надворешноста, се грижиме за својот изглед за да оставиме добар впечаток кај другите.

Но Исус вели дека мудроста на животот е на друго место: во грижата за она што не се гледа, а е поважно, а тоа е да се посветиме и да се грижиме за своето срце. Грижете се за внатрешниот живот. Тоа значи, продолжи Светиот Отец, да знаеме да застанеме и да го слушаме своето срце за да бдееме над нашите мисли и чувства.

Колку пати не знаеме што се случило во нашето срце тој ден. Што се случува во срцето на секој од нас?, ги праша Папата присутните. Мудрост, додаде Папата, значи да оставиме простор за тишина, за да знаеме да се слушаме себеси и другите. Тоа значи да се откажете од малку време кое го поминувате пред екранот на телефонот и да ја видите светлината во очите на другите луѓе, во вашето срце, во Божјиот поглед кон нас. Тоа значи да не дозволите да бидете заробени од активизмот, туку да му посветите време на Господ, да го слушате неговото Слово.

Евангелието, истакна папата Фрањо, ни дава вистински совет како да не го занемариме елејот на внатрешниот живот, „елејот на душата“: ни кажува дека е важно да го подготвиме.

Секој ден одвојувајте малку време за подготовка

Во духовниот живот нема импровизации, не се работи за момент, нешто што се случува повремено, или еднаш засекогаш; треба да се подготвуваме така што секојдневно ќе посветуваме на Господ малку време, упорно и доследно, како што се прави со секоја важна работа, истакна Петровиот наследник.

Затоа Папата побара од верниците да се запрашаат што подготвувам во овој момент од мојот живот? Во мојата внатрешност, што подготвувам?

Можеби се обидувам да заштедам малку, размислувам за куќа или нова кола, за конкретни проекти… Тоа се добри работи, тоа не е лошо. Сепак, истакна Папата, дали размислувам и да посветам време за грижа на моето срце, на молитвата, на служењето на другите, на Господ кој е цел на животот?

Имајќи го ова во предвид, Светиот Отец рече дека секој од нас мора да ја испита состојбата на „елејот“ на својата душа, прашувајќи се: каква е состојбата на елејот на мојата душа? Дали ја хранам и добро ја одржувам?

Папата Фрањо заврши со молитва до Богородица за да ни помогне да го чуваме елејот на внатрешниот живот!

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот