На Генералната аудиенција во среда 3 мај 2023 година, папата Фрањо ја посвети катехезата на неговата посета на Будимпешта, која заврши на 30 април. Тој уште еднаш им се заблагодари на сите што го примија, а рече дека Унгарците се храбри и богати со сеќавање. Тој ги охрабри да останат верни на својата вера, за што сведочеа многу светци и ја истакнa нивната вклученост во прифаќањето на бројни бегалци од соседна Украина, како и грижата за животната средина.
Во среда по враќање од Апостолско патување, папата Фрањо ја посвети катехезата на Генералната аудиенција на штотуку завршената посета на Унгарија. Постојат две главни слики што тој ги поврза со таа земја: корени и мостови. Што се однесува до корените, Папата рече:
Појдов како ходочасник кај народ чија историја – како што вели свети Иван Павле II. – е обележан со бројни светци и херои, опкружен со мноштво скромни и вредни луѓе. Тоа е вистината: видов многу едноставни и вредни луѓе кои гордо ја чуваат својата поврзаност со сопствените корени.
Вера ставена на искушение
Меѓу тие корени се втемелени ликови на светците од минатото кои ги дадоа своите животи за народот, светци кои беа сведоци на евангелието на љубовта, светци кои беа светлина во моментите на темнината – истакна Папата, затоа што имало темнина во историјата на таа земја кога, во атеистичкото прогонство во текот на 20 век, верата беше ставена на искушение и христијаните беа жестоко напаѓани, при што беа убивани и лишени од слобода: бискупи, свештеници, посветени лица и мирјани.
Но, додека се обидуваа да го исечат дрвото на верата, корените останаа недопрени: Црквата остана скриена, но жива, силна, со силата на Евангелието. Во Унгарија, на овој последен прогон, на ова комунистичко угнетување, му претходеше нацистичкото, со трагично депортирање на голем дел од еврејското население. Но, во тој суров геноцид, многумина се истакнаа по отпорот и способноста да ги заштитат жртвите, а тоа беше можно затоа што корените на заедничкиот живот беа цврсти.
Среќен роденден Едит!
Зборувајќи за угнетувањето што го изврши нацизмот во таа земја, Папата ја спомена унгарската поетеса Едит Брук со која го поврзува силна пријателска врска и додаде:
Ние во Рим имаме добра унгарска поетеса која помина низ сите овие искушенија и која им вели на младите дека треба да се борат за идеалот, да не бидат поразени од прогонството и обесхрабрувањето. Таа поетеса денес полни 92 години, се најдобро, Едит Брук!
Да се мисли само на себе ги гуши корените
Потоа слободата се врати – истакна Папата – но денес повторно е загрозена, овојпат од консумеризмот, од фактот што човекот се задоволува само со материјална благосостојба. Меѓутоа, кога единствено важно е да мислите само на себе и да го правите она што ти е волја и што сакате, тогаш корените се задушуваат.
Ова е проблем што ја засега цела Европа, каде посветеноста на другите, чувството да се биде заедница и убавината на заедничкото сонување и создавање големи семејства се во криза. Цела Европа е во криза. Затоа, да размислиме колку е важно да се грижиме за корените, бидејќи само ако одите длабоко гранките ќе растат нагоре и ќе вродат со плод. Секој од нас може да се запраша, и како народ, но и секој од нас: Кои се најважните корени на мојот живот? Каде се моите корени? Дали се сеќавам на нив, дали се грижам за нив?
Европа е повикана да гради мостови на мирот
Зборувајќи за втората слика, за мостовите, папата Фрањо потсети дека Будимпешта е позната по бројните мостови и рече дека токму тоа го потсетило, особено на средбите со владините претставници, на важноста да се градат мостови на мирот меѓу различните народи.
Ова, на посебен начин, е повикот на Европа, која се нарекува, „сплавар на мирот“, да ја вклучи различноста и да ги прифати оние што тропаат на нејзината врата. Убав е, во оваа смисла, хуманитарниот мост воспоставен за голем број бегалци од соседна Украина, со кои имав можност да се сретнам, восхитувајќи се и на големата мрежа на милосрдие на Црквата во Унгарија.
Посветеност на Црквата за единство меѓу верниците
Папата Фрањо истакна дека и Унгарија е посветена со градење на „мостови кон иднината“, преку грижа за животната средина, со цел одржлива иднина, како и негување на меѓугенерациски односи. Црквата во Унгарија е вклучена и во градењето мостови меѓу верниците – рече Папата и истакна:
Во неделата на светата Литургија присуствуваа христијани од различни обреди и од различни земји, како и припадници на различни вери, кои убаво соработуваат во Унгарија. Градете мостови, мостови на хармонија и мостови на единство.
Побожноста на унгарскиот народ кон Марија
На крајот, Светиот Отец се осврна на традиционалната маријанска побожност на унгарскиот народ, која првиот крал Свети Стефан и ја посветил на Богородица. Затоа, оваа мила земја и ја доверуваме на унгарската царица, на царицата на мирот и ја доверуваме градбата на мостови во светот, на небесната царица (…) ги доверуваме нашите срца за да бидат вкоренети во Божјата љубов – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк