Со мотото „Христос е нашата иднина“, папата Фрањо патува во Унгарија за да искаже близина со унгарските верници. Тоа е мотото на 41. апостолска посета на Папата во странство, откако ја служеше завршната света Литургија во 2021 година на 52. Меѓународен евхаристиски конгрес, изјави за новинарите Матео Бруни, директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, истакнувајќи дека патувањето доаѓа додека Европа се соочува со миграциски и хуманитарни прашања од кризата и војната во Украина која ги преминува границите
Следната недела, папата Фрањо го започнува своето 41. апостолско патување во странство во централноевропската земја Унгарија, иако не е првпат Светиот Отец да е во главниот град на Унгарија, имено тој ја предводеше завршната света Литургија на 52. Меѓународен евхаристиски конгрес, потсети Матео Бруни, директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол во петокот, на 21. април на прес-конференција, на која ги презентираше деталите за претстојната посета.
Со мотото „Христос е нашата иднина“ Светиот Отец ќе ја започне својата тридневна посета на мнозински христијанската нација, истакна директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, иако овојпат пораката на Папата за надеж ќе одекне на нов начин, бидејќи војната во Украина предизвикува сѐ повеќе страдања на североисточната граница на Унгарија.
Од почетокот на војната во Украина, повеќе од милион бегалци преминаа преку Унгарија во Европа, каде што им е укажана потребната помош.
Патувањето во Унгарија го означува второто апостолско патување во 2023 година, по патувањето на Папата во африканските земји Демократска Република Конго и Јужен Судан на почетокот од оваа година.
Папата Свети Иван Павле II. ја посети Унгарија двапати, во 1991 и 1996 година, по падот на Берлинскиот ѕид, потсети директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Го одржа ветувањето
Дури и ако некои се прашуваат зошто Светиот Отец по втор пат се враќа во иста земја за само две години, разликата е во тоа што во 2021 година таму учествуваше на 52. Меѓународен евхаристиски конгрес, на кој се собраа верници од повеќе од 83 земји, додека овој пат Папата се враќа да ја посети месната Црква и народот во земјата, што не беше случај кога престојува само неколку часа во Будимпешта на Конгресот, пред неговото апостолско патување во Словачка.
При враќањето од Словачка во Рим во 2021 година, Светиот Отец изрази желба да ја посети Унгарија на подолг период.
„Папата Фрањо го одржа ветувањето дадено на унгарскиот народ дека повторно ќе се врати“, потсети Матео Бруни.
Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја претстави целата програма на Апостолското патување, напоменувајќи дека Папата ќе одржи шест говори, вклучувајќи ја неговата проповед и молитвата Царице небесна, а ќе зборува на италијански јазик.
Програма
Меѓу главните моменти од програмата на Апостолското патување ќе биде средба со мигрантите и сиромашните, средба со слепи деца и деца со попреченост, како и средби со граѓанските власти и дипломатскиот кор, свештенството и младите.
Светиот Отец ќе служи света Литургија за унгарските верници, со верниците ќе ја моли богородичната молитва Царице небесна и ќе ја има вообичаената приватна средба со своите собраќа Исусовци.
Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол најави дека на 29 април Папата ќе се сретне со Источната католичка заедница во земјата.
Светоста во Унгарија
Целата посета ќе се одржи во Будимпешта, со напомена дека од Унгарија произлегуваат неколку светци, од кои многумина биле од благородно потекло, а својот живот го посветиле на грижата за болните и сиромашните.
Разбирањето на примерите на светоста во унгарската историја, истакна директорот Бруни, ќе им овозможи на оние кои го следат патот на Светиот Отец „да ја запознаат и разберат нашата дестинација“.
Близина со настраданите од војната
Како што е вообичаено, службениците на Ватикан кои патуваат со Светиот Отец ќе бидат државниот секретар на Папата, кардиналот Пиетро Паролин; Секретарот за односи со држави и мултилатерални организации, надбискупот Пол Ричард Галагер; Заменикот за општи работи во Државниот секретаријат, надбискупот Едгар Пења Пара; префектот на Дикастеријата за Источни цркви, надбискупот Клаудио Гуџероти; префектот на Дикастеријата за бискупи, архиепископ Роберт Францис Превост; префектот на Дикастеријата за комуникации Паоло Руфини.
Присуството на префектот на Дикастеријата за Источните цркви, истакна директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, сака да им искаже дополнителна поддршка на оние кои страдаат во непосредна близина.
Апостолското патување се одвива за време на војната во Европа и хуманитарната и миграциската криза што го зафати светот.
Директорот Бруни истакна дека меѓу темите што Папата ќе ги истакне ќе бидат страдањата и апелот за мир.
Унгарската влада донесе мерки за олеснување на учеството за посетата на Папата, вклучително и бесплатен превоз за присутните на настаните.
Мачениците и сведоштвото на христијанството
Историјата на христијанството во Унгарија е стара повеќе од илјада години, од времето на Свети Стефан, унгарскиот крал, но народот живеел долго време под комунистичкиот режим и Студената војна. Благодарение на сведоштвото на мачениците и на скриената Црква, таа сè уште е силна.
Според обичајот, Светиот Отец треба да одржи кратка прес-конференција на повратниот лет за Рим.
Ватикан њуз/к.мк