Примајќи ја во аудиенција делегацијата на британската меѓуверска група „Interfaith Leaders from Greater Manchester“, во четврток 20 април 2023 година, папата Фрањо уште еднаш ја истакна итно потребната заштита на животната средина и работа посебно со младите во справувањето со последиците од климатските промени.
Кога започна индустриската револуција во Англија во 18 век, оџаците на Манчестер, од кои излегуваше црн чад, станаа еден од симболите на галопирачкиот напредок што воведе нова ера во Велика Британија. Но, тоа беше и почеток на процес, кој не беше веднаш воочен, кој пополека насекаде ќе влијае во однос на загадувањето. Папата Фрањо се осврна на ова при обраќањето пред делегацијата на „Interfaith Leaders from Greater Manchester“, меѓуверска група од гореспоменатата британска метропола која доживеа голем технички и економски напредок, заедно со несомнено негативно влијание врз човековата и природната средина .
Трагични последици од деградацијата
Папата и се заблагодари на делегацијата, нагласувајќи ја уште еднаш итната потреба од заштита на животната средина и конкретна работа за справување со последиците од климатските промени, сето тоа во светло на вредностите истакнати во енцикликата Laudato si’.
Имено, станува се поочигледно дека нашата заложба за зачувување на созданието, Божјиот дар, треба да биде вклучена во пошироките напори за промовирање на целосна екологија која го почитува достоинството и вредностите на секој човек и која ги препознава трагичните последици од деградацијата на животната средина врз животот на сиромашните.
Општото добро против културата „искористи и фрли“
Накратко – истакна папата Фрањо – станува збор за препознавање дека еколошката и општествената криза на нашето време не се две посебни кризи, туку една криза која бара создавање нови и далекувидни економски модели.
Но, тоа бара и решителност да се надмине културата на „искористи и фрли“, култура на отфрлање, поттикната од консумеризмот и глобализираната рамнодушност, што ги попречува напорите за соочување со овие човечки и општествени проблеми во перспектива на општото добро.
Далековидни политики
Светиот Отец, исто така, се заблагодари за конкретното сведоштво на таа меѓуверска група, за важната улога што ја игра во придонесувањето за многу потребната еколошка преобразба, заснована – како што рече – на вредностите на почитување на природата, умереноста, човечката солидарност и грижа за иднината на општеството.
Важен аспект на овој придонес е вашиот ангажман, како мажи и жени со вера, во обликувањето на умовите и срцата на младите луѓе и во поддршката на нивната потреба за промена на насоката и далекувидните политики, чија цел е одржлива и интегрален човеков развој.
Ватикан њуз/к.мк