Интервју на папата Фрањо за аргентинскиот портал Инфобае

Интервју на папата Фрањо за аргентинскиот портал Инфобае

Во пресрет на десетгодишнината од изборот за Римски бискуп, папата Фрањо разговараше со сопственикот на аргентинскиот портал „Инфобае“, Даниел Хадад, а Vatican News на 10 март објави неколку прашања и одговори.

Папата разговараше со Хадад во Домот Света Марта и одговараше на широк спектар на прашања – од геополитички до црковни до лични теми. Тој особено се фокусираше на Централна и Јужна Америка.

Диктатура во Никарагва

Меѓу другото, тој се осврна и на тешкотиите што луѓето и Црквата ги доживува денес во Никарагва, од каде е протеран и апостолскиот нунциј монс. Валдемар Станислав Сомертаг, каде што поворките за време на Великиот пост и Велигден се забранети, а бискупите и свештениците постојано се напаѓани.

Светиот Отец го осуди недостатокот на рамнотежа кај оние што владеат со земјата. „Имаме бискуп кој е затворен. Тој е многу сериозен и способен човек. Сакаше да даде сведоштво и не прифати прогонство. Тоа е нешто што не е во согласност со она што го живееме, тоа е како да се воведе комунистичката диктатура од 1917 година или Хилтеровата диктатура од 1935 година. Тоа се видови на сурови диктатури.

Патување во Аргентина

Зборувајќи за Аргентина, Папата се осврна и на апостолското патување во татковината. Тој рече дека тоа било планирано за декември 2017 година, заедно со патувањата во Чиле и Уругвај. Но, во тоа време имаше избори и тој не сакаше некој да го искористи неговото патување за лични политички цели, поради што беше одложено. „Нема пречка да ја посетам. Во никој случај. Патувањето беше планирано. Отворен сум за таа можност“, додаде Папата.

За жената во Црквата и обврската за целибат

Кога станува збор за жените, Папата го истакна фактот дека сега бројот на оние кои работат во Црквата е поголем. Тоа е неопходен чекор напред, бидејќи „мачизмот е лош“. „Понекогаш целибатот може да доведе до мачизам. Ссвештеникот што не знае да работи со жени нешто му фали, не е зрел. Ватикан беше многу мачо, но тоа е дел од културата, никој не е виновен. Секогаш се работело на таков начин.“ Сега работите се менуваат. „Жените имаат поинаква методологија. Имаат поинакво чувство за време, за чекање, за трпение од мажите. Тоа не е намалува мажите. Тие се различни и мора да се надополнуваат“, рече Папата.

Во однос на целибатот, Светиот Отец мисли дека ослободувањето од обврската за целибат не би довело до нагло зголемување на бројот на свештенички звања. Сепак, целибатот на Западната црква не е исклесан во камен. Во сите заедници на Католичката црква на исток, свештениците се претежно оженети мажи, потсети Папата. Еден таков, кој е татко на семејство, работи и во Римската курија. „Нема противречност во тоа што свештеникот може да се ожени“, рече Папата. Во Западната црква целибатот е дисциплинска работа, „времен пропис“ и затоа „привремен“, за разлика од свештеничкото ракополагање, кое е трајно. На прашањето на соговорникот дали тогаш може да се ревидира целибатот, папата Фрањо одговори: „Да.“ Сепак, изрази сомневање дека изземањето од целибатот ќе им олесни на мажите да го изберат свештенството. „Не верувам“, рече Папата.

„Доста е“ со телевизија

Соговорниците се осврнаа и на заветот на Папата до Богородица од Кармил пред 33 години да не гледа телевизија. На 15 јули 1990 година додека гледаше телевизија со заедницата „се емитуваа работи што не се добри за срцето. Не грешни работи, туку оние релативизми кои го ослабуваат срцето.“ Следниот ден, на светата Литургија во чест на Богородица од Кармил, папата Фрањо почувствува дека не треба да гледа телевизија, „без никаков проблем“. Така тој рече „доста“, освен неколку кратки исклучоци.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Uncategorized

За авторот