Бискупот Стојанов на Божиќната света Литургија: Да ги прековаме мечевите во плугови и копјата во српови
Бискупот Стојанов одржа пригодна проповед за време на свечената Божиќна света Литургија во сабота велчер 24 декември 2022 година, која ја служеше во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, во заедништво со свештеници од Скопска бискупија и Струмичко – скопска епархија. На светата Литургија присуствуваше вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, претставници на верските заедници, членови на Редот на Свети Лазар од Ерусалим, како и бројни личности од јавниот и општествениот живот. Проповедта на бискупот Стојанов ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри!
Меѓу божикните приказни има и една која раскажува како, еднаш пред Божик, на Бадник, странец од друга планета дошол на нашата земја за да види што се прави овде и како изгледа животот на нашата планета. Така дошол во еден голем град на Запад и додека се шетал низ градот забележал некаква гужва меѓу луѓето, па си помислил: „Изгледа дека овде нешто големо и важно се случува. А што би можело да биде?“ Прво застанал на некаков плоштад малку настрана да ги набљудува луѓето. А потоа се осмелил и го запрашал првиот човек што наишол: „Љубезно, ве молам, кажете ми што тоа се случува овде? Гледам луѓе како брзаат, пазарат, се подготвуваат, но не знам што се случува.“ Случајниот минувач му одговорил: „Па од каде си ти? Зарем си од некоја од друга планета? Како не знаеш дека ние овде го славиме Божик?“ Но непознатиот не знае за што се работи. Решил да ги праша другите. Една жена му го кажала значењето на прославата на Божиќ: „Божиќ е празник на давање подароци. Си подаруваме еден на друг за Божиќ, бидејќи така сакаме да се израдуваме“. Странецот помислил: „Да, сега сум малку попаметен“. Но, зошто луѓето си даваат подароци едни на други токму на Божиќ?“ Тој сфатил дека си подаруваат кога се сакаат или слават нешто. Но, зошто го прават тоа на Божиќ? Зошто не на пролет? Зошто не на есен? Некој му одговорил: „Затоа што е убаво.“ Но на непознатиот повторно ништо не му било јасно, па побарал едно момче да му каже што знае за Божик. Момчето му одговорило: „Доаѓа дедо Божик.“ „А, така“, си помислил странецот, „но кој е сега тој Дедо Божик?“ Понатаму прашал, но постојано добивал слични одговори: „Ма, дедо Божик уште го нарекуваат и дедо Мраз.“ Само одвреме-навреме некој би рекол дека за Божик не доаѓа никаков дедо, туку малиот Исус. „Тоа е навистина чудно! Каква врска има Малиот Исус со Божиќ?“ – помислил странецот.
Замислен, шетајќи низ градот, ноќта полека навлегла во својата длабочина. Во еден миг се нашол во една црква. Во црквата видел светлина и слушнал како оргулите одекнуваат и луѓето гласно пеат. Полноќно време. Влегол во црквата, погледнал наоколу, застанал и ги слушал читањата, текстовите од Светото Писмо: „Зашто дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот“ (Исаија 9,5). Со текот на времето, странецот сфатил дека луѓето го слават роденденот на детето кое дошло на светот пред повеќе од 2000 години и дека ова Дете се вика Исус. Кога Исус пораснал и дејствувал меѓу луѓето како возрасен, неговите ученици и пријатели го нарекувале „Господ Исус Христос“. Оттука и името Малиот Исус, помислил странецот. Во еден агол од црквата ја гледа божиќната пештера со малиот Исус, Марија и Јосиф. „О, да, сега разбрав. Денес е роденден на ова дете, и затоа луѓето се среќни. Затоа ја украсија црквата и градот. Тој објавил мир на светот. Самиот Бог дојде кај луѓето во ова дете, стана човек и ги прегрна сите луѓе во љубов. На Неговото раѓање навистина треба да се радуваме. Тука не треба да изостанат ниту подароците. Но, дали подароците им се најважни на овој ден? Мислам дека не. Најважна е верата во Исус.“ Така размислувал странецот и со овие мисли со благодарност го напуштил Божјиот дом. „Штета би било“, си помислил тој, „да се слави Божиќ само заради традицијата, без никој да знае кој е тој Божиќ и за што навистина се радуваат.“ Затоа, на странецот му се чинило како најважно е да се задржи кај пештерата и да размисли за чудесното таинство за кое се зборувало во црквата, таинство преку кое Бог стана човек, кога, како Витлеемско дете, дошол на земјата за да им дарува на луѓето мир и да ги насочи кон меѓусебна љубов и помирување.
Драги браќа и сестри, заедно со христијаните ширум светот се радуваме на Божик. Иако сме христијани меѓу многу луѓе, наши браќа и сестри во Христа, дали смеам вака провокативно да прашам: дали навистина знаеме што славиме? Пред нашите очи е безизлезна состојба на светот во кој живееме. Со вознемиреност во нашите срца и полни со сочувство во овој миг, мислиме на оние кои овој Божиќ го минуваат низ тешки мигови: сиромашни без покрив над главата, неволни кои никаква помош немаат, и пред сѐ луѓето кои страдаат заради страшните војни што го погодуваат овој наш свет, особено војната што се случува на нашиот праг во Европа. Ова особено нè погодува. Папата Фрањо во своите говори често го привлекува вниманието на луѓето кон конфликтот во Украина. Толку многу деца загинаа, толку многу бегалци, ранети и деца кои останаа сираци, без разлика дали се украински или руски. Тој зборува за лудилото „од сите страни, бидејќи војната е лудило и никој во војна не може да каже: „Не, јас не сум луд“. Лудилото на војната… Невините ја плаќаат цената на војната, невините! Да размислиме за оваа реалност и да си кажеме еден на друг: војната е лудост“.
А божикната порака треба да одекнува поинаку во душата на христијаните. „Колку се прекрасни врз горите нозете на благовесникот, кој навестува мир, благовестува радост, проповеда спасение, кој му говори на Сион: „Твојот Бог царува!“ (Исаија 52,7). Дали ние христијаните не го слушаме ова или ги затвораме ушите за смирено да се препуштиме на својата себичност, без разлика колку таа ќе нѐ чини?
Слушаме како гласникот на радоста навестува мир, среќа и спасение. Тој зборува за мир. Гревот е главната причина за немир, вознемиреност, несигурност и страв. Гревот носи немир кај поединците и семејствата. Само гревот и омразата се причина за поделби, насилства и војни меѓу народите. А Синот Божји се раѓа да биде Јагнето кое ги зема гревовите на светот, исто како и оној кој по своето воскресение вели Мир ви оставам; мирот свој ви го давам. Оваа порака поаѓа од безизлезната ситуација во светот и залудните обиди на човекот да најде вистинска и трајна среќа. Таа сака да ни каже дека нема решение во обидот на човекот да му се спротивстави на Бога. Спасението се манифестира со тоа што самиот Бог слегува од своите височини и влегува во овој изгубен човечки свет да не бара. Спасението се случува кога кулите што ги градиме и со кои се оградуваме имаат отворена врата за спасението што Бог ни го овозможува. Можеби тоа е скриено од нашите очи. Но затоа е потребна објавата на Божјиот ангел кој вика: „Зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ“ (Лука 2,11). Тие ангели ни ја будат верата. Нема да нѐ исполнат со мир забрзаната трка во вооружување и бескрупулозната употреба на сила било од поединци или народи. Само Исус, „Кнезот на мирот“ кој ни се обајви, очекува од нас да соработуваме за „да ги прековаме мечевите во плугови и копјата во српови“.
Дури и на лично ниво, купувањето и дарувањето на подароци нема да не направи среќни. Ниту брзањето, ниту трчањето нема да не направи среќни. Мирот на душата и таа нежна радост доаѓа од Бога кој е љубов и нежност. Затоа, нека овие денови нѐ исполнат со вистинска божиќна радост и надеж. Радост, затоа што Бог нè посетува со својата љубов. Надеж, бидејќи Бог никогаш своите не ги напушта. Мирот, радоста и среќата доаѓаат од внатре, од човечкото срце. И кој или што би можело да нè загрее и исполни повеќе од Господ, кој заради нас се роди како мало Дете? Среќен Божиќ – Христос се роди!
к.мк