Папата славеше света Литургија во Каљари

Денес се остварува желбата која пред летото ја кажав на плоштадот Свети Петар, а тоа е да бидам поклоник во светилиштето на Нашата Богородица од Бонарија во Сардинија – рече папата Фрањо во проповедта на Светата Литургија во недела 22 септември.

Дојдов со вас да ги поделам вашите радости и надежи; страдања и напори; идеали и копнежи на вашиот остров и да ве зајакнам во верата. Осврнувајќи се на многубројните проблеми на Сардинија, Папата рече дека дојде меѓу нив заедно со нив да биде до нозете на Богородица која ни го дарува својот Син. Добро знам дека во вашите срца е Марија, нашата Мајка, за што ни сведочи и ова светилиште, каде што многу генерации доаѓале и доаѓаат да молат заштита од Богородица од Бонарија, главна заштитничка на островот. Тука ги донесувате радостите и страдањата на својот крај, семејства како и на децата кои живеат во туѓина, кои заминаа во светот барајќи за себе и своите семејства работа и подобра иднина. Денес сите сме собрани околу Марија за да им заблагодариме за нејзината грижа, а исто така сакаме да го обновиме нашето надевање и својата љубов кон неа – истакна папата Фрањо.

Коментирајќи ги литургиските читања, Папата рече дека првото читање зборува за заедничката молитва на Марија со апостолите во салата на Последната вечера, додека го чекаа Слегувањето на Светиот Дух. Марија моли со апостолите, а нас нѐ поучува да се надеваме на Бог, во неговото милосрдие. Молитвата е моќна! Да не престануваме да чукаме на Божјата врата. Преку Марија да му го довериме целиот наш живот – поттикна Папата.

Во Евангелието пак го чувствуваме Исусовиот последен поглед кон Марија. Исус од Крстот ја гледа својата Мајка и ѝ го доверува апостол Иван, говорејќи: „Еве ти син“. Иван сме сите ние, а погледот на Исус, полн со љубов нѐ доверува под заштита на Марија. Марија се сети и на друг поглед, кога беше девојка: Погледот на Бог Отец кога ја виде нејзината понизност и маленкост. Марија нѐ учи дека Бог никогаш не нѐ остава, Тој и со нашата маленкост може да направи големи дела. Да се надеваме на Него! – рече папата Фрањо.

Денес дојдов меѓу вас, секако сите заедно дојдовме за да го сретнеме погледот на Марија – продолжи Папата – бидејќи во него се одржува погледот на Бог Отец, кој ја одбра Марија за мајка на својот Син, како и Исусовиот поглед од Крстот, преку кој Марија стана наша мајка. Со таков поглед денес нѐ гледа Марија. Потребен ни е нејзиниот нежен мајчински поглед, кој нѐ познава подобро од било кој друг, нејзиниот милостив и грижлив поглед. Денес сакаме да ти кажеме: Мајко сврти го својот поглед на нас! Твојот поглед нѐ води до Бог, а е дар на Добриот Отец и нѐ следи во животот; дар е на Распнатиот на Крстот, кој врз себе ги зема нашите страдања, маки, нашите гревови. Маријо, денес те молиме: Погледни на нас за да можеме да го сретнеме милосрдниот Отец – рече Светиот Отец.

На овој често напорен пат, не сме сами. Нѐ има многу – цел народ – продолжи Папата, а погледот на Марија ни помага братски да се гледаме. Од Марија се учиме на поглед кој прифаќа, следи и заштитува. Едни други да се учиме да гледаме со мајчинскиот погледот на Марија, поттикна Папата и додаде:

На животниот пат сретнуваме лица кои некако спонтано ги сметаме за помалку вредни, а на кој им е потребна нашата помош и нашиот поглед. Тоа се напуштените, болните, оние кои го немаат основното за живот, оние кои не го познаваат Исус, како и бројните млади со своите тешкотии – рече Папата поттикнувајќи ги сите да не се плашат да ги гледаат своите браќа и сестри со погледот на Марија. Марија нѐ повикува да бидеме вистински браќа.

Поради тоа да не дозволиме нешто да нѐ одвои од погледот на Марија. Мајко, гледај на нас и не дозволувај да ни го сокриваат твојот поглед. Направи да го отстраниме нашиот погледот од оние кои лажливо ни ветуваат; од сите кои посакуваат лесен живот; од ветувања кои не можат да се исполнат. Никој да не ни го украде погледот на Марија, полн со нежност, бидејќи тоа ни дава сила и братско – сестринска љубов. Маријо, секогаш нѐ гледај и следи нѐ во нашиот живот – заврши Светиот Отец.

Драги браќа и сестри,

Пред завршувањето на оваа прослава, срдечно ве поздравувам, посебно им благодарам на своите браќа епископи од Сардинија. Овде покрај нашата Богородица, сакам да ви заблагодарам на сите вас и на секој од вас посебно: вам драги верници, свештеници, монаси и монахињи; потоа на властите, посебно оние кои со својата работа помогнаа во организацијата на оваа пасторална посета. Посебно сакам да ве доверам на Марија, нашата Богородица од Бонарија. Во овој момент мислам на сите бројни Богородични светилиште во Сардинија; вашиот остров е многу поврзан со Марија, тоа е врската која ја искажувате преку вашата побожност и културата. Секогаш бидете вистински синови и ќерки на Марија и Црквата и тоа покажете го со својот живот, наследувајќи ги по примерот на Светците!

Во таа смисла, да се потсетиме дека вчера во Бергамо е прогласен за блажен Томасо Ачербис де Олера, брат капуцин, кој живеел на преминот од 16 во 17 век. Да му благодариме на Бог за овој сведок на Христовата понизност и љубов.

Потоа Светиот Отец заедно со собраните верници ја измоли молитвата Ангел Господов и ги благослови присутните верници.

К.мк/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот