Папата Фрањо на Светскиот ден на сиромашните во недела, 13 ноември 2022 година во базиликата Свети Петар служеше света Литургија. Ги пренесуваме главните мисли од проповедта на Папата.
Толкувајќи го неделното евангелие (Лука 21,5-19), Папата рече дека Исус сака да нѐ ослободи од искушението да ги толкуваме најдраматичните настани на суеверен или катастрофален начин, како да е близу крајот на светот и дека повеќе не вреди да се бориме за доброто. Ако размислуваме така, дозволуваме да нè води стравот, а можеби дури и со морбидна љубопитност бараме одговори во гатачите или хороскопите, кои отсекогаш ги имало и ќе ги има; или пак веруваме во фантастични теории што ги сервираат некои „месии“ од поново време, сите од ред дефетисти и теоретичари на заговор. Таму го нема Господовиот Дух. Исус нè предупредува: „чувајте се, да не ве прелажат“, не заслепувајте се од лековерната љубопитност, на настаните бе им пристапувајте со страв, туку научете да ги читате настаните со очите на верата, уверете се дека кога сме блиску до Бога „ниту влакно од главата нема да ни загине“.
Ако целата човечка историја е полна со драматични настани, ситуации на болки, војни, револуции и несреќи, подеднакво е вистина – вели Исус – дека тоа не е крајот; тоа не е вистинската причина да дозволиме да бидеме парализирани од страв или да се предадеме на дефетизмот на оние кои мислат дека сè е изгубено и дека е бескорисно да се трудиме во животот. Господовиот ученик не дозволува резигнацијата да го ослабне, не се предава на обесхрабрувањето и во најтешките ситуации, бидејќи неговиот Бог е Бог на воскресението и надежта, кој секогаш подига: со него секогаш можеш да кренеш глава, да почнеш од почеток и одново. Затоа, христијанинот, кога ќе се соочи со искушение, се прашува: „Што ни вели Господ во овој момент на криза?“. И додека се случуваат злата што раѓаат сиромаштво и страдање, треба да се праша: „Какво конкретно добро можам да направам?
Ова е убава, типична христијанска вештина: да не бидеме жртви на она што се случува, туку да ја искористиме можноста што се крие во сè што ни се случува, доброто што може да се изгради тргнувајќи и од негативните ситуации. Секоја криза е можност и нуди можности за раст. Ова го забележуваме ако погледнеме наназад во нашата лична историја: во животот, најважните чекори напред често се прават токму во одредени кризи, ситуации на искушенија, губење на контрола, несигурност. Тогаш го разбираме Исуовиот повик што го упатува денес директно до мене, до вас, до секој од нас: додека гледате околу себе во шокантните настани, додека на хоризонтот се наѕираат војни и конфликти, додека се случуваат земјотреси, глад и чуми, што ти правиш? Дозволуваш нешто друго да ти го привлече вниманието за да не размислуваш за тоа? Се препушташ на забавата и се правиш дека не е твоја работа? Дали ја вртиш главата на другата страна за да не гледаш? Се прилагодуваш понизно и резигнирано на она што се случува? Или пак тие ситуации стануваат можности за сведочење на евангелието?
Браќа и сестри, на овој Светски ден на сиромашните Исуовиот збор е силно предупредување да ја скршиме таа внатрешна глувост што не спречува да го слушнеме пригушениот плач на болка на најслабите. И денес живееме во ранети општества и сведоци сме, како што се вели во Евангелието, на призори со насилство, неправда и прогонство; Дополнително, мораме да се соочиме со кризата предизвикана од климатските промени и пандемијата, која остави трага не само од физички, туку и психолошки, економски и социјални болести. И денес гледаме како народ се крева против народ и со вознемиреност сме сведоци на насилното ширење на конфликтот, катастрофата на војната што предизвикува смрт на толку многу невини луѓе и го умножува отровот на омразата. И денес, многу повеќе од вчера, многу браќа и сестри, искушени и обесхрабрени, емигрираат во потрага по надеж, а многумина живеат во несигурност поради невработеност или неправедните и недостоинствени услови за работа. И денес сиромашните се најтешко казнети жртви на секоја криза. Но, ако нашето срце е пренатрупано и рамнодушно, не можеме да го слушнеме нивниот тивок крик на болка, да плачеме со нив и за нив, да видиме колку самотија и вознемиреност се крие дури и во заборавените краеви на нашите градови.
Да го повториме силниот и јасен евангелски повик да не нѐ прелажат. Да не ги слушаме лошите пророци; да не маѓепсат сирените на популизмот кој ги искористува потребите на народот предлагајќи прелесни и избрзани решенија. Да не следиме лажни „месии“ кои во име на профит прокламираат рецепти корисни само за зголемување на богатството на неколкумина, осудувајќи ги сиромашните на маргинализација. Напротив, да сведочиме: ги палиме светлата на надежта среде темнината; во драматични ситуации, ги користиме можностите да бидеме сведоци на евангелието на радоста и да изградиме свет во кој ќе има повеќе братство; храбро се залагаме за правда, законитост и мир, помагајќи им на најслабите. Не бегаме за да се браниме од историјата, туку се бориме да ѝ дадеме на оваа историја поинаков лик.
Сила за сето тоа ќе најдеме во верата во Бога, Кој е Отецот и бдее над нас. Ако му ги отвориме нашите срца, ќе ја зголеми нашата способност да љубиме. Да одлучиме да ги љубиме најнапуштените деца, да се грижиме за сиромашните, во кои е Исус, кој стана сиромашен за нас. Не смееме да останеме, како оние за кои се зборува во Евангелието, да се восхитуваме на прекрасните камења на храмот и да не го препознаваме вистинскиот Божји храм, човечкото битие, посебно сиромашните, во чие лице, во чија историја, во чии рани е Исус. Тој го кажа тоа. Да не го заборавиме тоа никогаш.
Ватикан њуз/к.мк