Папата Фрањо изразува сочувство до Коптската православна црква по пожарот во црква во Гиза, Египет, во кој загинаа најмалку 41 лице, меѓу кои еден епископ и неколку деца.
Смртоносен пожар избувна за време на света Литургија во недела, 14 август 2022 година во Коптската православна црква Абу Сефеин во Гиза, при што загинаа најмалку 41 лице. Епископот Абдул Бахкит беше меѓу загинатите, заедно со многу деца.
Папата Фрањо во четврток, 18 август 2022 година испрати сочувство до папата Тавадрос II, поглаварот на Коптската православна црква, во телеграма потпишана од Државниот секретар, кардинал Пиетро Паролин.
Папата истакнува дека е „длабоко тажен“ дознавајќи за трагичниот настан, особено за смртта на епископот и многуте деца. Светиот Отец изрази „срдечно сочувство и уверување за неговата духовна близина со повредените и погодените од оваа трагедија“. Покрај тоа ги довери жртвите и нивните семејства „на милосрдната љубов на семоќниот Бог“ и моли за „утеха и сила во Господа“.
Египетското Министерство за внатрешни работи соопшти дека пожарот настанал од клима уредот на вториот кат како последица на електричен дефект. Според Министерството, главната причина за смртта била вдишување чад. Очевидци изјавија дека пожарот го блокирал главниот влез на црквата, што довело до стампедо.
Египетскиот претседател Абдел Фатах Ал-Сиси на Твитер изрази сочувство за жртвите. „Изразувам искрено сочувство до семејствата на невините жртви кои отидоа да бидат со нивниот Господ во една од неговите цркви“, истакна предтседателот Ал-Сиси.
Ватикан њуз/к.мк