„Поучете се од мене и ќе најдете мир“ од Евангелието по Матеј е мотото на годинашниот 33. меѓународен фестивал на млади во Меѓугорје – Младифест. Папата Фрањо во пораката до учесниците ги охрабри младите да не се плашат и да одат кај Господ со се што носат во срцето. Посланието на Светиот Отец беше прочитано на 1 август, првиот ден од фестивалот, од монс. Алдо Кавали, Апостолски визитатор со посебна улога на парохијата Меѓугорје.
Како во она време, така и денес Исус ви се обраќа на сите вас, драги млади, и преку мотото на овогодинешниот Фестивал ви ја упатува својата покана: „Учете од мене и ќе најдете мир“, вели Светиот Отец во порака од 16 јули, на празникот Богородица Кармилска.
Папата забележува дека Господ овие зборови не им ги упатува само на апостолите или на некои свои пријатели, туку на сите кои се изморени и обременети. Тој знае колку животот може да биде тежок и дека има многу работи што ни тежат на срцето.
„Наспроти сето тоа е Исус кој ни ја упатува својата покана: „Дојдете при мене и поучете се од мене“. Овој повик бара одење и доверба и не ни дозволува да стоиме во место, вкочанети и исплашени пред предизвиците на животот. Звучи лесно, но во мрачните моменти едноставно се затвораме во себе. Токму од оваа осаменост Исус сака да нѐ извади, па затоа ни вели: „Дојди“.
Да одиме, да наследуваме, да учиме
Патот до излезот е во односот со Господ, во гледањето на Оној кој вистински нè љуби, нагласува Папата. Сепак, не е доволно само да излезете од себе, туку треба да знаете и во кој правец да одите. Има толку многу измамнички понуди кои ветуваат подобра иднина, но не оставаат секогаш одново сами. Поради оваа причина, Господ ни покажува каде да одиме: „Дојдете при мене“.
Обраќајќи им се на учесниците на Младифест со „драги пријатели“, Папата нагласува отворените срца нека да одат кај Него, нека го земат Неговиот јарем и нека се поучат од Него.
„Одете кај Учителот за да станете Негови ученици и наследници на Неговиот мир. Земете го Неговиот јарем со кој ќе ја откриете Божјата волја и ќе станете учесници во таинството на Неговиот крст и воскресение. „Јаремот“ за кој зборува Христос е законот на љубовта, тоа е заповедта што им ја остави на своите ученици: љубете се еден со друг како што ве возљубив Јас (Иван 15,12). Затоа што вистински лек за раните на човекот е живот заснован на братска љубов, која својот извор го наоѓа во љубовта Божја. Одејќи заедно со Него и наследувајќи Го, ќе учите од Него“.
Храброст во наследувањето
Господ, забележува Папата, е Учител кој не им наметнува на другите товар што самиот не го носи. Ако навистина сакаме да учиме, посочува, потребно е да се понижиме и да го препознаеме сопственото незнаење и горделивост, оние моменти кога мислиме дека можеме да постигнеме сè сами и со свои сили, а посебно потребно е да имаме отворено уво за зборовите на Учителот. На тој начин го запознаваме Неговото срце, Неговата љубов, Неговиот начин на размислување, гледање и дејствување. Но, да се биде близок до Господ и да се следи Него бара храброст, ги потсетува Папата младите.
„Возљубени, не плашете се, одете кај Него со се што носите во срцето.
Марија, знак на надеж во бурното море
Како што заклучува Папата во својата порака, Тој е единствениот Господ кој нуди вистинско освежување и вистински мир. Ги покани да го следат примерот на Марија, која е Ѕвезда на морето, знак на надеж во немирното море што нè води до пристаништето на мирот. „Таа, која го познава својот Син, ќе ви помогне да го наследувате во вашиот односот со Бога Отецот, во сочувството кон ближните и во свесноста за она што сме повикани да го правиме: да бидеме Божји деца. Во овој момент, во срцето на летото, Господ ве повикува да одите на одмор со Него, на најпосебното место кое постои, а тоа е вашето сопствено срце“.
Светиот Отец ги довери младите на Пресвета Богородица, преку нејзино застапништво и пример да го преземат врз себе слаткиот товар за да можат да го следат Христа.
Младифест
Меѓународната младинска молитвена средба – Младифест се одржува од 1 до 6 август во Меѓугорје. Свечената света Литургјиа на првата вечер на Младифест ја предводеше надбискупот од Барселона и претседател на Шпанската бискупска конференција , кардинал Хуан Хозе Омело.
Ватикан њуз/к.мк