По молитвата Царице небесна, Папата се спомна на сите мајки, на денот посветен на нив и беатификацијата на мисионерката Агучита. Се осврна на Светскиот ден на молитва за духовни звања и поттикна на молитвата за жртвите од експлозијата во Куба.
Мајките ширум светот, но и трагедијата што се случи во Куба, беа во мислите на папата Фрањо по молитвата Царице небесна во недела 8 мај 2022 година. Папата најпрво спомна за беатификацијата во Перу, на мисионерката Марија Агостина Ривас Лопез, наречена Агучита, монахиња од Општеството на Богородица на милосрдието од Добриот Пастир, убиена во 1990 година поради омраза кон верата.
Оваа исклучително храбра мисионерка, рече Папата, иако знаеше дека го ризикува својот живот, секогаш остана блиску до сиромашните, особено домородните жени и селаните, сведочејќи за евангелието на правдата и мирот. Нека нејзиниот пример разбуди во сите желба верно и храбро да му служиме на Христа.
Светиот Отец потоа се осврна на Светскиот ден на молитва за духовни звања, кој се одбележува на тема „Повикани да градат човечко семејство“. Тоа е ден кога на сите континенти христијанските заедници молат за Господовиот дар за свештенички звања, посветен живот, мисии и брак, објасни тој, и сите ние, како крстени, се чувствуваме повикани да го следиме Исус, да го кажеме нашето „да“ за да ја откриеме радоста на давање живот и радосното и посветено служење на Евангелието.
Потоа Папата повика на молитви за жртвите од експлозијата, што се случи пред два дена во кубанската престолнина Хавана, во историскиот хотел Саратога, во која загинаа 27 луѓе, а повеќе од 80 се повредени. Воскреснатиот Христос нека ги воведе во домот на Отецот и нека ги утеши нивните семејства – рече Папата.
На крајот Папата ги потсети верниците, собрани на плоштадот Свети Петар, на денешниот празник на мајките. Со љубов се сеќаваме на нашите мајки, како и на оние кои повеќе не се со нас, но живеат во нашите срца. За сите мајки ова е нашата молитва, нашата љубов, нашите честитки – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк