Светиот Отец во четврток 10 фавруари 2022 година испрати видео порака до Дикастеријата за промовирање на целосен човечки развој по повод вебинарот: „Светски ден на болните: значење, цели и предизвици“, нагласувајќи дека културата на братството е „противотров“ на „општествениот вирус“ на индивидуализмот и рамнодушноста.
Во пресрет на Светскиот ден на болните, кој се одбележува на 11 февруари, папата Фрањо во видео порака до организаторите и учесниците на вебинарот „Светски ден на болните: значење, цели и предизвици“ ја истакнува благодарноста за сите кои , во Црквата и општеството со љубов остануваат покрај оние кои страдаат.
Отворање за поголема љубов
Искуството на болеста нè тера да се чувствуваме кревко, да имаме потреба од други и го поставува прашањето за смислата на животот, на кое понекогаш не наоѓаме моментален одговор, а чиј пат на потрага го посочи свети Иван Павле II, почнувајќи од неговото лично искуство. Не се работи за свртување кон себе, туку напротив, за отворање кон поголема љубов, онаа на Христос, кој во неговото откупително страдање стана учесник во сите човечки страдања, објаснува папата Фрањо во својата порака.
Целосна грижа
Никогаш не смее да се заборави посебноста на секој болен, неговото или нејзиното достоинство и слабости. На секој човек му е потребна грижа во целина, истакнува Папата – телото, умот, чувствата, слободата и волјата, духовниот живот… Грижата не може да се раздвои, бидејќи човечкото битие не може да се раздвои. Би можеле – парадоксално – да го спасиме телото, а да ја изгубиме човечноста, рече Светиот Отец.
„Општествениот вирус“ на индивидуализмот и рамнодушноста
Ова време на пандемија – продолжува Светиот Отец – нѐ учи да гледаме на болеста како глобална, а не само индивидуална појава. Нè повикува да размислуваме за други видови „патологии“ кои му се закануваат на човештвото и на светот. Индивидуализмот и рамнодушноста кон другите се облици на себичност кои, за жал, се повеќе се истакнуваат во општествата со потрошувачка благосостојба и економскиот либерализам; а последователните нееднаквости се наоѓаат дури и во областа на здравствената грижа, рече Папата, истакнувајќи ја разликата меѓу оние кои уживаат „одлична“ грижа, додека многу други се борат да пристапат до основна здравствена заштита.
За да се излечи овој „општествен“ вирус, како што го нарекува Папата, противотров е културата на братство, заснована на свеста дека како луѓе сме сите еднакви, еднакви како деца на еден Бог (сп. Fratelli tutti, 272 ). Врз основа на ова, нагласува папата Фрањо, ќе може да има ефективни терапии за секого. Но, ако не веруваме дека сите сме еднакви, предупредува Папата, тоа нема да успее.
Обнова на харизмата
Црквата, следејќи го Исус, добриот Самарјанин на човештвото, секогаш давала сѐ од себе за оние кои страдаат, посветувајќи им на болните големи ресурси, лични и економски, рече Папата, мислејќи на клиниките и здравствените установи во земјите во развој; бројни мисионери кои го поминале својот живот грижејќи се за најсиромашните меѓу болните, понекогаш дури и самите болни меѓу нив. Покрај тоа, Папата потсети на работата на многу свети мажи и жени ширум светот кои започнаа иницијативи за здравствена заштита заедно со нивните сопатници … Овој повик и послание на целосна човечка грижа мора и денес да ги обнови харизмите во областа на здравството, рече Папата, за да не недостасува блискост со оние кои страдаат.
Благодарност и молитва
Светиот Отец изразува голема благодарност до оние кои се блиску до болните во нивниот живот и секојдневна работа – роднините, пријателите, здравствените работници, болничките капелани, монахињите, заводите посветени за нега и многу волонтери. Папата упатува посебна молитва за сите болни во секој дел од светот, особено за оние кои се сами и кои немаат пристап до здравствените услуги и ги доверува под заштитата на Пресвета Богородица, здравје на болните.
Ватикан њуз/к.мк