На празникот Свето Семејство бискупот Стојанов служеше света Литургија во Куманово

На празникот Свето Семејство бискупот Стојанов служеше света Литургија во Куманово

Во недела 26 декември 2021 година, на вториот ден од Божиќ кога Црквата го слави Светото Семејство и првомаченикот Свети Стефан, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов служеше света Литургија во капелата „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Куманово. Со бискупот Стојанов сослужуваа парохот о. Томаш Бак, о. д-р Зоран И. Стојанов и о. Марјан Ристов, а присуствуваа верници од Куманово и членови на Неокатехуменскиот пат.

На почетокот од својата проповед бискупот Стојанов најпрво се заблагодари на парохот Бак за поканата и можноста во заедништво со верниците од оваа парохија да служи света Литургија. Истакнувајќи ја важноста на семејството, бискупот Стојанов како пример го даде Светото Семејство, потенцирајќи ја улогата и грижата на Марија и Јосиф за Исус, но и послушноста на Исус кон Марија и Јосиф. Овој модел на Светото Семејство треба да послужи за градење на односите во нашите семејства: родители – деца, деца – родители и односот на семејството со Бог – истакна бискупот Стојанов во својата проповед.

По завршувањето на Литургијата следуваше заедништво и дружење.

к.мк

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот