Со наградата „Светилка на мирот на свети Фрањо“ фрањевците му одадоа признание на генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш за „неуморното политичко посредување во сложениот свет“, пренесува агенцијата Катпрес.
Португалецот Гутереш (72) на свеченоста за доделување на наградата на 18 декември во Асизи се вклучи преку видео-врска од Њујорк, заради ограничувањата при патувањето предизвикани од пандемијата со коронавирусот. Во образложението на наградата понатаму се истакнува неговиот стил на „срдечен дијалог“. Во благодарното обраќање генералниот секретар на ООН ветува дека и понатаму ќе ги поддржува мировните иницијативи во целиот свет, со желба да се „градат мостови и да се пренесува пораката на надежта“, додавајќи дека мирот останува „ѕвезда водилка и скапоцена цел“ на ООН.
Фрањевците од Асизи со „Светилката на свети Фрањо“ одаваат признание на луѓето кои посебно се ангажираат за мир. Наградата не се доделува секоја година, туку според околностите и поврзана е со титулата „Амбасадор на мирот во светот.“ Последната ја доби италијанскиот претседател Серхио Матарела, а во 2018 година поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Меѓу добитниците се и јорданскиот цар Абдулах II, колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос, Лех Валеса, Јасер Арафат, Михаил Горбачов и Шимон Перес.
Катпрес.мк