На Мисиска недела бискупот Стојанов служеше во Зеница

На Мисиска недела бискупот Стојанов служеше во Зеница

Во парохијата „Свети Јосиф“ во Зеница на 18 октомври 2020 година, на Мисиска недела светата Литургија ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов. На почетокот од светата Литургија епископот Стојанов беше поздравен од парохот дон Давор Топиќ.

Во својата пригодна проповед бискупот Стојанов зборуваше за животот на Црквата во Македонија низ нејзината историја во контекст на мисиската недела, истакнувајќи ја улогата на мисионерите, како и поврзаноста со Врхбосанската надбискупија. Бискупот Стојанов го истакна животот и делото на мисионерката света Мајка Тереза, која е родена во Скопје, од каде што појде во Индија со помош на духовната формација на Исусовците, каде го остварила своето послание во соработка со големиот мисионер Исусовецот патер Анте Габриќ.

Исто така ја истакна својата благодарност до Врбосанската надбискупија која ја помагала, но и денес ја помага Црквата во Македонија. Голем придонес дава бискупот Смилјан Чекада во тешките денови за време на Втората светска војна, но и после војната. Со мисионерскиот жар се грижел за сите луѓе во потреба, без разлика на нивната верска и национална припадност.

Во понатамошниот дел од проповедта епископот Стојанов ја истакна и сегашната поддршка, помош и мисионерски дух и подготвеност, која ја дава кардинал Винко Пуљиќ и врхбосанската надбискупија за Црквата во Македонија.

На крајот од проповедта епископот Стојанов ги охрабри верниците да ја сведочат својата вера и посака семејствата да ја чуваат традицијата на верата и да ја шират каде и да се наоѓаат.

На крајот од светата Литургија парохот дон Давор се заблагодари на бискупот Стојанов за посетата при што му подари монографија со слики од Скопје пред и после земјотресот.

Истиот ден утринската света Литургија ја служеше дон Паво Шекерија, кој го придружуваше епископот Стојанов на ова негово патување.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот