Пресветата Дева Марија, избрана од Бог да биде нова Ева, таа требало многу да ја сака послушноста. Поради непослушност кон Бога, првата Ева стана причина за човечкото паѓање во грев. Втората Ева, определена од Бог, да го поправи стореното зло од првата Ева, требаше да биде послушна и со својата послушност да стане причина за човечката преродба и ослободување од гревот. Еве зошто, по Божја волја и обдарена со Божјата светлина, Дева Марија дала завет на послушност. „О блажена послушност која што ја порази непослушноста на Ева“ – вели свети Иван Дамаскин. Каков моќен поттик, претставува за нас христијаните, таа послушност на Марија. Штом Дева Марија, бидејќи најголема, најсвета, најпросветена, сакала да слуша и да биде послушна, колку повеќе треба ние, кои сме толку големи грешници.
Светото Писмо, нè уверува дека послушноста е подобра од жртвата, односно послушноста вреди повеќе од жртвата. Со добродетелта послушност ние му се принесуваме на Бога како совршена жртва, бидејќи со послушноста ние ја жртвуваме нашата волја и сè што зависи од неа. Со такво целосно и совршено жртвување, Пресвета Дева Марија се принесувала на Бога во целиот нејзин живот. Таа уште додека била во храмот, совршено ја практикувала послушноста, што било вистински образец на нејзините врснички. Исто така постапувала за време на целиот нејзин живот, за да заприлега на Спасителот, Кој за да биде совршена Жртва, бил послушен сè до смрт, смрт на крст.
Дева Марија не гледала дали дадените наредби се лесни или мачни за исполнување, пријатни или непријатни, туку таа секогаш покорно ги исполнувала, потчинувајќи се на умот и нејзината волја верувајќи дека дадените наредби се правилни и угодни на Бог.
Сите народи, но особено еврејскиот со нетрпение го очекувале ветувањето од Бог Спасителот. Според пророштвата на Патријарсите и Пророците, времето за Неговото доаѓање сè повеќе се наближувало. Еден ден, кога Пресвета Дева Марија во својот дом во Назарет се молела на Бога што поскоро да испрати Спасител. Одеднаш ѝ се јави Ангел. Тој Ангел бил Архангел Гаврил, кој бил испратен од Бога за да ѝ ја соопшти благата вест, за оплотувањето Господово во пречистата нејзина утроба. Ангелот ја поздравил со зборовите: „Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе! Благословена си Ти меѓу жените!“
Дева Марија се исплашила од тој поздрав, но Ангелот ѝ рекол: „Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син и ќе Го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.“ Дева Марија изненадена од веста, го прашала Ангелот: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?“ Ангелот ѝ одговорил: „Светиот Дух ќе слегне на Тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји.
При тие недвосмислени зборови на Ангелот, Дева Марија Осветлена од Бога, дознала дека Тој ја избира неа за Мајка на Спасителот и дека станувајќи Мајка, нема да ја загуби девственоста. Затоа макар и најсмирена, таа го потчинила своето смирение на послушност за да ја исполни Божјата волја, и веднаш му одговорила на Ангелот: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои“ т.е. при сетоа тоа, што не претставувам ништо и не сум достојна, да станам Мајка на Бога, подготвена сум да станам негова слугинка. Нека биде како што ти ми кажуваш, нека се овоплоти во мене Синот Божји преку Светиот Дух. Нека мајчинството биде сврзано со девството, така што ќе бидам мајка на мојот Бог и Спасител, како што ќе останам и Девица. „О прекрасна и смирена богородична послушност која што си извор на неискажани и безбројни благодати.“
Размислувајќи за Тајната на овоплотувањето на Пресвета Дева Марија свети Бернард вели: Поради својата девственост таа беше пријатна на Бога, а поради смирената послушност го зачна Синот Божји. Со тоа светецот сака да каже дека покрај девственоста причината за Марија да му биде најпријатна Нему, уште попријатна му е и послушноста. Макар што Дева Марија се удостоила да го зачне Бога, не го зачнала само за тоа што била најчиста, туку затоа што била најпослушна. О колку треба да сме благодарни на Дева Марија за нејзината голема послушност. Девственоста без послушност може да нè направи горделиви и робови на ѓаволот. Ева беше девица, но поради непослушност стана горделива и робинка на ѓаволот. Ако ние бидеме послушни како Дева Марија ќе бидеме како неа слуги Господови. Гледајќи ја нашата смиреност, Бог ќе слегне со Светиот Дух и како кај Марија ќе направи живеалиште во нас. О, колку е голема девството, поврзано со смиреност и послушност.
Ангелот за да ја убеди Дева Марија дека ќе зачне по чудесен начин ѝ дал наредба за Божјата семоќност. „Ете, и рекол тој, Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец; зашто нема да остане во Бога ни еден збор без сила.“ Штом си отишол ангелот, Марија веднаш отишла да ја посети нејзината роднина Елисавета. Откако во неа се зачнало Словото Божјо, таа имала силна желба и ревност да открие на сите колку чудесно нешто Бог направил избирајќи ја за Своја Мајка иако се чувствувала најнедостојна од сите Негови слуги.
Уште при пристигнувањето на Дева Марија кај Елисавета, Елисавета се исполнила со Свет Дух и гласно рекла: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И откаде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ? Односно благословена си Ти меѓу жените, бидејќи Девица го зачна Самиот Бог, а која сум јас та да примам таква голема благодат од Бога, да ја примам Неговата Мајка во мојот дом.
Еве драги христијани овде гледаме како Бог се открива на смирените души и сака да бидат првите кои ќе Го прослават и ќе Му благодарат. Дали сакаме уште повеќе да Му благодариме на Бога? Да бидеме навистина смирени, бидејќи Бог се открива само на смирените. Тој смирените души ги осветлува со Неговата Светлина за да го запознаат неговото милосрдие. Скриениот во утробата на Дева Марија се открил на Иван Крстител кој исто така бил сокриен во својата мајчинска утроба, за да го направи Свој Претеча и благовестител. Затоа Елисавета ѝ рекла на Дева Марија: „Зашто, ете, кога пристигна гласот од твојот поздрав до ушите мои, радосно заигра младенецот во утробата моја,“ односно штом го слушнав Твојот поздрав, скриениот во тебе се откри на детето кое го носам во својата утроба и го освети, и тој се зарадува. Тоа се чудата кои Бог ги прави преку смирението. Кога една душа е дејствително смирена како Марија, Бог не само што ѝ се открива туку и влегува во неа и преку неа се открива и на други души и ги осветлува.
Ако бидеме смирени како Дева Марија, секогаш ќе го носиме Бог во нас, Кој преку нас ќе се открие и на нашите браќа и сестри, ќе ги освети и ќе им даде благодат да Го запознаат и да го прославуват овде на земјата а еден ден и вечно во небото. Амин.
Отец Јосиф Алоати/Сестри Евхаристинки