На Духовден, 16 јуни 2019 година, епископот Стојанов служеше света Литургија во парохиската црква „Раѓање на свети Иван Крстител“ – Струмица и во таа прилика одржа прповед, која ја пренеусваме во целост
Драги браќа и сестри, да се обидеме да си зaмислиме дека оваа наша Црква е сала на последната вечера. Со тој назив се нарекува салата која сѐ уште и денес постои во Ерусалим каде прв пат се случило тоа што се случува и во нашите Цркви денес, ама на посебен начин токму на денешен ден и приближно време се случува раѓањето на Црквата. Празнуваме еден извонреден роденден кој е веројатно најмасовен, бидејќи Католичката црква како Црква собира најголем број на верници во светот. А на сите нас што сме Црква овој ден ни е роденден. Како?
Прво да се присетиме дека Исус во таа сала е со своите ученици, со своето најблиско и најтесно семејство, зашто Тој во таа заедница на ученици внесе начело да меѓу себе се чувствуваат како Семејство. Имено, во една прилика дошла Марија и Неговата роднина во посета на Исус, но не можеле да влезат внатре, затоа што околу Исус било гужва. Кога му кажале Тој да излезе, Исус поставил чудно прашање, кој му е Мајка, кој му се негови браќа и роднини и тогаш мирно ги погледнал на ред своите ученици и покажал со раката: Еве, овие се моја Мајка, овие се мои браќа и мои роднини и како што и јас сега покажувам со раката на вас, мои се тие, вели Исус, што го слушаат Божјото слово и го пазат. Денес нѐ собра токму тоа Божјо слово, што пред малку го слушнавме и затоа се препознаваме како тоа Исусово ново семејство со кој Тој слвеше Пасха, како најголем семеен празник во Израил. Со тоа јасно сакаше да каже дека односот во неговата заедница во Црквата ќе биде семеен, што значи ќе ги поврзува крв и тело – роднинска врска. Како е можно тоа? На таа пасхална вечера Исус направил исклучок во обредот и на големо чудење на присутните во чашата кога се кршел лебот за да барем од истиот леб да примат по еден залог сите присутни и со тоа се означува како што лебот е замесен од многу брашно, а сепак е еден леб, така и присутните при трпезата иако ги има многу творат едно семејство. Еврејската Пасха инаку е многу свечено славена и уште тогаш веќе секој имал своја чаша. При четвртата чаша претстојникот при трпезата ја молел благодарната молитва и ја подавал таа четврта чаша секој од неа да се напие и повторно е истата пораката: виното настанало од многу гроздови зрна, така и присутните во Црквата, односно со Исуса, и покрај тоа што се многу, сепак се едно семејство.
Тоа што е многу битно сега да се истакне, а што тогаш учениците не го разбрале а и ние денес тешко го разбираме е: Исус при кршењето на лебот и при чашата на заедништвото ги изрекол овие зборови: Кај лебот: Ова е Тело Моје кое за вас се предава, а при чашата: Ова е чаша на мојата крв која се пролева за опростување на гревовите. Верувам дека претпоставувате дека таа била првата света Литургија. Исус пред тој чин најнапред се прикажа на Бога и на нив им го даруваше своето тело и својата крв што следниот ден на многу крвав начин се прикажа на крстот, се жртвуваше себеси за да нѐ ослободи од гревот. Целиот Исусов говор, што во таа сала е изговорен тогаш, може да се искаже во една реченица што е изговорена во Новиот завет, а таа е: љубете се меѓу себе како што јас ве возљубив вас.
Денес овде за вас драги првопричесници по прв пат се случува што ќе го примите лебот кое е Тело Негово и оваа чаша која е Негова крв. Таа вистина гледајќи ја хостијата го примаме Христос или гледајќи ја чашата веруваме дека е Негова крв. Ниту еден човечки разум не може да сфати, тука не помагаат никакви теории, научни докажувања, туку напросто или веруваш и се причестуваш или не веруваш и не се причестуваш. Прашање е всушност нашата вера.
Можеме да си ги замислиме учениците, Исусовите пријатели, што сето тоа го доживуваа во таа сала, но, сепак, верата не била посилна од нашата, можеби дури и послаба. Бидејќи, и покрај таа вечера, сепак, се случило предавството на Јуда, Петровото затајување и бегството на сите ученици, освен Иван. Што значи, вистински да верувале се надеваме дека немаше да побегнат во мигот кога на Исус му беше најтешко. Сепак, драги браќа и сестри, во таа сала се случила и тајната на денешниот ден. Многу пати размислував како се чувствуваа учениците кога после воскресението го среќаваа на Исус и беа радосни што е со нив, а Тој им зборуваше дека конечно ќе отиде и дека нема да ги остави сами. Им говореше, подобро е јас да одам, бидејќи ако не одам нема да дојде силата на Светиот Дух на вас. Претпоставувам дека учениците беа колебливи зашто и тие беа луѓе како и ние. А во душата мислеа подобро Ти остани со нас, со Тебе нам ни е убаво, а што ќе биде тоа не можеме да замислиме. И тука може да се примени поговорката: Подобро врапче во дланка отколку гулаб на гранка. Меѓутоа, ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветер кога дува, а на секој присутен ученик му се покажал јазик како од пламен и одеднаш учениците биле крстени во пламенот на Светиот Дух. Третото божествено лице се јавило како пламен, а пламенот чисти и просветлува. Одеднаш го слушнавме Петар кој кукавички се одрече од Исус, како сега храбро навестува. Од онаа првото навестување до овој мој говор трае тоа навестување, и ќе трае и натаму и вие сте драги првопричесници и верници испратени секој на свој начин да ја навестува оваа вистина.
Праоците, сакајќи да протолкуваат што денес се случило, употребуваат една убава слика, а која е многу блиска до нашиот народ. Пекар или жена зема брашно и може да го меси суво цел живот и никогаш нема да стане тесто, а ако се додаде малку вода или масло тогаш се поврзуваат сите зрна од брашното и стануваат тесто. Квасецот кој се додава во мала количина сепак го подигнува тестото кое после одредено време се става во жешка рерна која не го уништува тестото, туку го испекува и станува мек, вкусен, хранлив леб. Драги првопричесници и верници и со нас денес токму тоа се случува. Ние сме како расеани зрна брашно кое крсната вода го поврзува тоа тесто, и го прави вкусно, а рерната – Светиот Дух не прави зрели да сме хранливи, прикладни за јадење, леб, за гладните и тоа е Црквата. Црквата сме ние луѓето – заедницата, семејната заедница на која врвната норма е љубовта, но која знае дека тоа не може да го постигне со сила и затоа својата вера ја оснажуваат со крштение, со квасецот на Божјото слово допуштат Светиот Дух да ги оформи да бидат добри луѓе, а светата Причест постојано да ги храни за да и самите можат да бидат храна за другите, тоа значи таквите луѓе кои не живеат за себе туку живеат и другите да имаат корист за временскиот и вечен живот. Црквата во суштина е Христова заедница која ја прави жива Светиот Дух, која и во Евхаристијата овој леб и ова вино ќе го претвори во тело и крв Исусова за да можеме тогаш да живееме тоа што со верата го исповедуваме.