На 30 март 2019 година папата Фрањо ќе отпатува за Мароко и тоа ќе биде негово 28 апостолско патување, при што ќе го посети главниот град Рабат. Во рамки на програмата, меѓу другото, ќе се сретне со кралот Мухамед VI, со мароканскиот народ, имамите, како и со мигранти за кои се грижи бискупскиот Каритас.
Канцеларијата за печат при Светиот Пресол ја објави деталната програма за апостолското патување на Светиот Отец во Мароко на 30 и 31 март 2019 година, а кое според предлогот на локалните власти ќе биде ограничено само на главниот марокански град Рабат, иако на почетокот беше најавено дека Папата ќе ја посети и Казабланка. Тоа 28 апостолско патување на папата Фрањо, „служител на надежта“ – како што гласи темата за оваа неговата посета – ќе започне претпладнето во сабота 30 март, од аеродромот Фијумичино, од каде ќе полета за Рабат. На меѓународниот аеродром во Рабат Папата треба да пристигне околу 14.00 часот според локално време, односно 15.00 според средневропско време.
После свеченоста за пречек која ќе се одржи на плоштадот пред кралската палата, Светиот Отец ќе појде во куртоазна посета на кралот Мухамед VI, а потоа на просторот пред џамијата Хасан ќе се сретне со мароканскиот народ, властите, претставниците на граѓанското општество и диплоатскиот кор. Тоа попладне папата Фрањо ќе го посети мавзолејот Мухамед V, а потоа ќе влезе во институтот Мухамед VI за формација на имами и проповедници. Првиот ден од патувањето Папата ќе го заврши во седиштето на бискупскиот Каритас, каде ќе се сретне со мигранти.
Во недела 31 март 2019 година Светиот Отец во утринските часови ќе го посети селскиот центар за социјална служба Темари, во предградие на Рабат, кој го водат Ќерките на милосрдието. После тоа во катедралата ќе се сретне со свештеници и монахињи, лица посветени на Бог, како и со членови на Екуменскиот совет на Цркви. После ручекот со мароканските епископи Папата ќе служи света Миса во 14.45 часот во спортскиот центар Принц Мулеј Абделах, а потоа ќе се врати во Рим.
Ватикан њуз/к.мк