Во катехезата на Генералната аудиенција прва после летниот одмор, папата Фрањо зборуваше за идолопоклонството. Препознавањето на сопствените идолопоклонства е почеток на благодати, и води на патот на љубовта.
Светот нуди „супермаркет“ за идоли кои можат да бидат предмети, слики, идеи, улоги – истакна папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција одржана после летниот одмор, на 1 август 2018 година, во која зборуваше за идолопоклонството, за таа многу актуелна тема. Да се прави божесто од она што не е Бог, е постојано искушение на верата и не се однесува само на погрешно паганско богослужење. Развојот на идолопоклонството пред сѐ е поврзан со визијата која има тенденција кон опсесија – рече Папата.
Идолот всушност е проекција на самиот себе во предметите или проектите. Со таа динамика на пример се служи рекламата – рече Светиот Отец и објасни: Оној автомобил, оној паметен телефон, онаа улога – или друго – ги чувствувам како средство за остварување и одговор на своите важни потреби. И така го барам, зборувам за него, мислам на тоа; замислата за поседување на тој предмет или за остварувањето на тој проект, постигнувањето на онаа позиција, изгледа чудесен пат за среќа, кула со која доаѓа до небото, и така сѐ се става во служба на таа цел – рече Папата.
Идолите го расипуваат животот
Втората фаза од развојот на идолопоклонството е уништувачка. Имено идолите бараат култ, им се поклонуваме, и сѐ им жртвуваме – додава Светиот Отец. Во антиката на идолите се жртвувале луѓе, но и денес; заради кариера се жртвуваат децата, занемарувајќи ги или едноставно не рагајќи ги. И убавината бара човечка жртва – рече Папата и истакна: Колку време се поминува пред огледало! Колку некои луѓе, некои жени трошат за шминка?! И тоа е идолопоклонство. Не е лошо да се нашминкаш, но на нормален начин, не за да станеш божица. Убавината бара човечка жртва. Славата бара жртвување на самиот себе, на сопствената невиност и веродостојност.
Идолите бараат крв – истакна потоа папата Фрањо. Парите го расипуваат животот, а задоволството води до осаменост. Економските структури жртвуваат човечки животи за поголема корист. Да се сетиме на многумина кои се без работа. А зошто се без работа? – праша Папата и додаде: Затоа што претприемачите на некоја компанија, на некоја фабрика, понекогаш одлучуваат да отпуштат луѓе за да заработат повеќе пари. Идол се парите. Се живее во лицемерие, правејќи и зборувајќи го она што другите го очекуваат, затоа што тоа го наметнува богот на личниот успех. И така се уништуваат животи, семејства, а младите се остваат во рацете на уништувачките модели само за да се зголеми заработката – рече Папата истакнувајќи дека и дрогата е идол, на колку млади им го уништува здравјето, па дури и животот, обожавајќи го идолот дрога.
Идолите ги сведуваат луѓето на робови
Третата фаза од периодот на идолопоклонството е најтрагична – рече Светиот Отец. Идолите сведуваат на ропство. Ветуваат среќа, но не ја даваат; и така започнуваме да живееме за некоја работа или визија, фатени во вртлогот на самоуништувањето, во исчекувањето на резултати кои не доаѓаа. Идолите ветуваат живот, но всушност го одземаат – рече Папата и истакна: Вистинскиот Бог не го бара животот, туку го дава го подарува. Вистинскиот Бог не нуди прекција од нашиот успех, туку нѐ учи да љубиме. Вистинскиот Бог не ги бара децата, туку го дарува својот Син за нас. Идолите проектираат идни хипотези и раѓаат презир кон сегашноста; вистинскиот Бог поучува на живот во реалноста на секојдневието, во конкретноста, а не во илузиите за иднината; денес и утре и задутре одејќи кон иднината.
Вистински љубиме кога сме слободни од идолите
Препознавањето на сопствените идолопоклонства е почеток на благодатите и води на патот на љубовта – рече потоа папата Фрањо и објасни. Љубовта е неспоива со идолопоклонството. За да одиме по идолите, по некој идол, можеме дури да негираме татко, мајка, деца, сопруга, сопруг, семејство… она најмилото. Приврзаноста на некој предмет или идеја нѐ прават слепи за љубовта. Го носите тоа во срцето: идолите ни ја киднапираат љубовта, идолите нѐ прават слепи за љубовта, а за вистински да љубиме мораме да бидеме слободни од своите идоли. Кој е мојот идол? Земи и фрли го преку прозорецот! – истакна на крајот папата Фрањо.
После катехезата поздравувајќи ги поклониците од италијанското говорно подрачје, Светиот Отец потсети дека денес во Црквата се слави литургискиот спомен на Алфонсо Марија де Лигуори– како што рече – ревен пастирр кој срцата на луѓето ги освојувал со благоста и нежноста. Нека неговиот пример ви помогне радосно да ја живеете вашата вера во едноставните секојдневни дела – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк