На 7 јуни 2018 година, во домот Света Марта, папата Фрањо ја предводеше светата Литургија, а во пригодната проповед ја истакна важноста на сеќавањето во христијанскиот живот: спомнување на средбата со Исус Христос, да ги паметиме оние кои ни ја предале верата и законот на љубовта.
За да напредуваме во животот, треба да си спомнуваме на првите средби со Исус и да размислуваме за нив, потсетувајќи се кој ни ја пренесува верата и присетувајќи се на законот на љубовта која Господ го всадил во нашето срце – истакна папата Фрањо за време на светата Литургија служена во домот Света Марта, во Ватикан, додавајќи дека моментите на средба со Бог добро се препознаваат во ретроспектива. Појдовна точка на проповедта на Папата беше поттикот на свети Павле до Тимотеј: „Помни Го Господа Исуса Христа“ (2 Тимотеј 2, 8)
Христијанското сеќавање е животна сол
Христијанското сеќавање е како сол на животот – истакна Светиот Отец и продолжи: Не можеме да напредуваме без сеќавањето. Кога ќе наидеме на христијани кои го „загубиле сеќавањето“, тогаш веднаш гледаме дека го загубиле вкусот на христијанскиот живот. Тие станале луѓе кои ги исполнуваат заповедите, но се без миситика, без средба со Исус Христос. А Исус Христос треба да го среќаваме во животот.
Но, каде Го среќаваме? – праша Папата и одговори: Секој во својот живот има моменти во кои му се покажал Исус. Кога си го сретнал Исус Христос, си го променил својот живот; кога Господ ти го покажал тој повик; кога Господ те посетил во тежок момент – рече Светиот Отец и продолжи: Тие моменти се во нашето срце. Да ги побараме. Да ги разгледаме. Треба да си спомнуваме на тие моменти во кои сум го сретнал Исус Христос, во кои Исус ме сретнал. Тоа е изворот на христијанскиот пат, изворот кој ќе ми даде сила.
Верата ни ја предале другите
Потоа рече дека втората средба со Исус се остварува по пат на сеќавање на претците кои Посланието до Евреите ги нарекува „вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо“ (Евреи 13, 7), а свети Павле во Второто Послание до Тимотеј поттикнува да си спомнуваме на својата мајка и на бабите кои ни ја пренесуваат верата (1, 5). Верата не сме ја примиле преку пошта, туку ни ја пренеле други – рече папата Фрањо свртувајќи го нашиот поглед кон облакот сведоци и поттикнувајќи нѐ да се зацврстиме со нивниот пример.
Секогаш кога водата ќе стане малку матна, важно е да се оди на изворот и да се пронајде сила за да одиме напред – рече Светиот Отец. Можеме да се запрашаме: Дали сум човек со корени или сум „искорнет“? Живеам ли само во сегашноста? Ако е така ведаш треба да молам за милоста да се вратам на корените, на оние луѓе кои ми ја пренеле верата – поттикна Папата.
Спомнување на законот на љубовта
И третото, спомнување на законот на љубовта. Папата Фрањо истакна дека законот е гест на Господовата љубов кон нас. Со него ни го покажа патот и одејќи по тој пат нема да згрешиме. Потребно е да си спомнуваме на законот: не студениот закон, туку законот на љубовта кој Господ го всадил во нашето срце.
Светиот Отец на крајот рече дека секој од нас може да издвои неколку моменти за да си го постави следното прашање: Си спомнувам ли на моментите во кои сум го сретнал Господ, на оние кои ми ја пренеле верата, законот на љубовта? Потоа можеме да се прашаме: Каква е мојата надеж? Во што воопшто се надевам? Нека Господ ни помогне во тоа спомнување и надевање – заврши Папата.
РВ/к.мк