Папата: Крштението ни помага против силите на злото

Папата: Крштението ни помага против силите на злото

Продолжуваме со размислувањето за Крштението, секогаш во светло на Словото Божјо – рече Папата на почетокот на Генералната аудиенција, на 25 април 2018 година, на плоштадот Свети Петар.

Крштението на посебен начин е „света Тајна на верата“, затоа што го означува светотаинскиот влез во животот со вера. Верата е предавање самиот себе на Господ Исус Кој Го препознаваме како „извор на вода за живот вечен,“ „светлина на светот,“ „живот и воскресение,“ како што се толкува текот на патот кој и денес го поминуваат катехумените, подготвувајќи се за христијанската иницијација. Воспитани со слушање на Исус, неговото учење и неговите дела, катехумените повторно го живеат искуството на Самарјанката која била жедна за жива вода, на слепородениот кој прогледал и на Лазар кој излегол од гробот – рече Папата и нагласи: Евангелието ја носи во себе силата на преобразувањето на оние кои го прифаќаат со вера, одземајќи ги од власта на злото за да научат да Му служат на Господ со радост и во новоста на животот.

Кон крстилницата никогаш не одиме сами, туку придружувани од молитвата на целата Црква, како што потсетуваат литанијата на светците кои претходат на молитвите за откажувањето од ѓаволот и помазувањето со елеј за катехумените – рече Светиот Отец и продолжи; Тие се гестови кои од старите времиња им гарантираат на оние кои се подготвуваат за повторно раѓање како деца Божји, дека молитвата на Црквата им помага во борбата против злото, дека ги придружува на патот на доброто, дека им помага да се ослободат од власта на гревот за да преминат во Царството на божествената милост. Тоа е молитвата на Црквата која се моли за сите нас! Ние, Црквата се молиме за другите. Убаво е да се молиш за другите – рече Папата.

Колку пати имаме ближен во потреба, но не се молиме – рече папата Фрањо и додаде: Господи те молам за оние кои се во потреба, за оние кои немаат вера… Со таа молитва се придружуваме на молитвата на Црквата за другите. Не заборавајте: молитвата е Црква секогаш на дело. Мораме да влеземе во таа молитва и да се молиме за целиот Божји народ и за оние на кои им треба молитвата. Затоа патот на возрасните катехумени е обележан со повторување на откажувањето од ѓаволот кое го кажува свештеникот, или молитвите за ослободување од сè што нè разделува од Христос и го спречува внатрешното единство со Него. Треба да Го молиме Бог и за децата, да ги ослободи од изворниот грев, да ги посвети на присуството на Светиот Дух и за нивно духовно и телесно здравје, затоа што молитвата е начин за заштита на децата. Како што покажува Евангелието, Исус сам се борел и ги истерал злите духови за да укаже на доаѓањето на царството Божјо. Неговата победа над власта на злото остава слободен простор за Божјата власт која донесува радост и помирување – истакна Светиот Отец.

Крштението не е магична формула, тоа е дар – рече Папата и истакна: Дар на Светиот Дух кој им овозможува на оние кои го примат да се борат против злиот дух, верувајќи дека Бог го испратил својот Син на светот за да ја уништи власта на сатаната и да го пренесе човекот од темнината во своето бескрајно царство на светлината. Знаеме од искуство дека христијанскиот живот секогаш е подложен на искушение, особено искушението за разделување од Бог, од Неговата волја, од заедништвото со него, подложен да падне во замката на заводливоста на овој свет. Крштението нè подготвува, ни дава сила за таа секојдневна борба и борба против ѓаволот, како што вели свети Петар, како лав бара да нè растргне и уништи – рече папата Фрањо.

Освен молитвата, овде е и помазувањето на градите со елеј за катехуменот кој ќе прими сила за да може да се одрече од ѓаволот и гревот, пред да се приближи на изворот и да се роди за нов живот – рече Светиот Отец и протолкува: За својствата на елејот кој му помага на телото знаеле старите борци кои го користеле помазувајќи се со него по телото за полесно да се отргнат од непријателот. Во тоа светло, старите борби се симболот кои првите христијани ги прифаќале помазувајќи го телото на кандидатот за крштение со елејот кој го благословува епископ, за конечно тоа да стане знак на спасението, за силата на Христос Спасителот да зацврстува во борбата против злото и да го победи – рече Папата.

Тешко е да се бориш против злото, да побегнеш од неговите измами, да се опоравиш по исцрпните борби, но мораме да знаеме дека целиот христијански живот е борба – истакна папата Фрањо и предупреди: Но, исто така мораме да знаеме дека не сме сами, дека Мајката Црква се моли за нејзините деца повторно да бифат родени во Крштението, за да не подлегнат на замките на злото, туку да го победат со силата на Христовото воскресение. Зацврстени со Воскреснатиот Господ кој го победи кнезот на овој свет и ние можеме со вера да ги повториме зборовите на свети Павле: Сè можам со Оној Кој ми дава сила.“ Сите можеме да победиме, можеме да надминеме сè, но со силата која ни ја дава Христос – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот