Што е запишано во Светото Писмо за разделбата, прељубата и Причеста? Како свети. Павле им се обраќа на жените, како на мажите, децата и родителите?
Односот трае до смрт
Свети Павле пишува за нераскинливоста на бракот во неговите две посланија. Во Послание до Римјаните вели: „Омажената жена е поврзана преку законот со мажот, додека е тој жив: умре ли мажот, таа се ослободува од законот, кој ја сврзал со мажот. Затоа, ако при жив маж се омажи таа за друг маж, ќе стане прељубница; ако, пак, умре мажот, таа е слободна од Законот, и нема да биде прељубница, кога ќе се омажи за друг човек. “(Римјаните 7, 2-3) Во Првото послание до Коринтјаните пишува:„Жената е сврзана преку Законот, додека е жив мажот нејзин; а ако умре мажот нејзин, таа е слободна да се премажи за кого сака, но само во името на Господа“(1 Коринтјаните 7,39).
Тука е јасно наведено дека брачната врска престанува само со смрт на еден од брачните другари. Значи, додека брачниот другар е жив, секој обид да се донесе одлука за нов брак, може да биде само прељуба. Бидејќи, со смртта на еден од брачните другари престанува брачната врска, преживеаниот брачен другар може да склопи нов брак.
За разделбата
Во Првото послание до Коринтјаните, свети Павле, исто така, пишува: „А на женетите и мажените им заповедам – не јас, туку Господ – жената да не се разделува од мажот, ако, пак, и се раздели, нека не се премажува, или, пак, да се помири со мажот свој, – а и мажот да не ја остава жената своја“(1 Коринтјаните 7, 10-11).
Гледаме како Свети Павле нагласува дека неразрешливоста на бракот е Божја заповед, а не негова, односно на Црквата. Иако сме обврзани да го слушаме Бога и црковните заповеди, постои важна разлика меѓу нив. Божјите заповеди по својата природа се непроменливи и никој не може да ги промени. Црковните заповеди се такви што црковната власт може да ги промени, a исто така може да дозволи и исклучок од нив. Не постои исклучок од Божјите заповеди, тоа ниту Црквата нема моќ да го дозволи.
За да не разбереме погрешно што свети Павле зборува околу можностите за разделба, треба да се знае дека тука не се зборува за престанок на бракот, туку за прекин на заедничкиот живот. За тој прекин на заедничкиот живот мора да постои тешка причина, на пример, дека сопругот сериозно ја злоставува жената. Сепак, прекинувањето на заедничкиот живот не значи прекинување на брачната врска и оттаму нема можност за склопување на нов брак.
За прељубата и Причеста
Еве уште еден текст од Светото Писмо околу осудата на прељуба: „Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло – чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог“ (Евреите 13, 4). Светото Писмо јасно ни кажува дека прељубата е смртен грев: „Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо“(1 Коринтјаните 6, 9-10).
Бидејќи прељубата е смртен грев, оној што е во таков грев не може да пристапи на света Причест. Ако го направите ова без претходно признание – исповед, што се разбира, мора нужно да ја вклучи и одлуката да се престане со овој грев, тогаш се прави нов тежок грев, грев на светогрдие: „Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа. Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово“(1 Коринтјаните 11, 27-29).
Семеен живот – жени
Поконкретно за брачниот живот, свети Павле пишува во Посланието до Ефесјаните. Тука зборува за односот помеѓу мажите и жените и односот меѓу децата и родителите.
Прво, го утврдува општото начело: „Покорувајте му се еден на друг во страв Божји.” (Ефесјаните 5,21). Во ова Послание тој го применува овој принцип на различни односи меѓу луѓето и нагласува дека во овие различни односи кога човекот се покорува на луѓето на крајот му се покорува на Бога.
Потоа продолжува за жените, применувајќи го тој принцип: „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е Христос глава на Црквата, и Он е Спасител на телото. Но, како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сè (Ефесјаните 5, 22-24). Исто така, гледаме дека овде започнува со споредба која понатаму продолжува: односот помеѓу жените и мажите е споредуван со односот меѓу Црквата и Христос.
Семеен живот – мажи
Обраќајќи им се на мажите, тој продолжува со иста споредба: „Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа“ (Ефесјаните 5,25) и свети Павле ја повторува реченицата, која веќе се наоѓа на почетокот на Стариот Завет, како што видовме во првиот дел: „Поради тоа човекот ќе го остави татка си и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат едно тело” (Ефесјаните 5,31).
Ова е потсетување на клучниот факт дека мажот и жената имаат едно тело и има далекусежни последици за многу реалности на брачниот живот. Свети Павле пишува: „И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата” (Ефесјаните 5, 28-29). Во заклучок од пасусот за односот меѓу мажот и жената свети Павле вели: „И така, секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе, а жената да го почитува мажот свој“ (Ефесјаните 5,33).
Семеен живот – деца
Свети Павле ги потсетува децата на една од десетте Божји заповеди: „Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо. Почитувај ги татка си и мајка си! – тоа е првата заповед со ветување, за да ти биде добро, и да живееш долго на земјата“ (Ефесјаните 6, 1-3) Зборовите „во името на Господ“ укажуваат на две работи кои се важни да се нагласат.
Прво, послушност кон родителите е како и послушност кон било која легитимна власт на земјата, всушност продолжување на послушноста кон Бога. Второ, тбаш затоа ни родителите, како ни секоја друга власт на земјата, не можат да наредат нешто што е против Божјата заповед. Заповедите на човечките суштества, кои не ги почитуваат Божјите заповеди, не само што не треба да се послушаат, туку и не смее да се послушаат.
Семеен живот – родители
Тогаш свети Павле им се обраќа на родителите, особено на татковците: „И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов!“ (Ефесјаните 6, 4). Во оваа кратка реченица може да се откријат повеќе поуки. Прво, она што не смее да се прави: родителите не треба да го злоупотребуваат родителското овластување и авторитет.
Потоа гледаме повеќе работи што треба да ги направат родителите. Прво, тие се обврзани да ги подигнуваат своите деца. Не можам да ја префрлам мојата должност на некој друг. Други луѓе и институции можат да помогнат во воспитувањето, но воспитувањето првенствено е родителска должност. Второ, во воспитувањето треба разумно да се употребува дисциплината, но воедно воспитувањето не треба да биде премногу попустливо. Трето, во воспитувањето треба да се служи и со „оддаденоста кон Господа”, односно во него треба важна улога да имаат разумот и верата.
Свето семејство
Описот на семејниот однос што свети Павле ни го донесува веќе е постигнат во Светото Семејство на Исус, Марија и Јосиф. Со оглед на нивните посебни околности можеби таму, пред било кое друго место, би очекувале исклучок. Но, не постои исклучок. Исус не е човек, туку вистински Бог, но сепак се покорува на родителите, Евангелието експлицитно вели: „Тој им беше послушен” (Лука 2,51) Марија е Богородица, а сепак свети Јосиф е оној кој го води Светото Семејство. Ангелот на Јосиф му ја донесува Божјата заповед, како ќе му даде име на детето кое ќе се роди (Матеј 1,21) и Јосиф е оној кој му го дава името на Исус (Матеј 1, 24). Ангелот го упатува Јосиф со семејството да бега во Египет (Матеј 2,13) и Јосиф го прави тоа (Матеј 2,14).
Јосиф по смртта на Ирод, го води Светото семејство од Египет и одлучува да живеат во Назарет во Галилеја, а не во Јудеја (Матеј 2,21-23).
Венчавката и Божјата љубов
Видовме дека во Посланието на Ефесјаните свети Павле постојано и многу блискоја споредува љубовта на мажот и жената со љубовта на Христа кон Црквата. Тој исклучиво вели: „Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христа и за Црквата“ (Ефесјаните 5,32).
Истата споредба се повторува на неколку места во последната книга од Светото Писмо, во Книгата на Откровението (види, на пример, Откровение 19, 7 и Откровение 21, 9).
Зарем не е восхитувачки дека брачната љубов е онаа што најдобро одговара за да се спореди Божјата љубов кон Црквата и љубовта на Црквата кон Бога? Затоа се случуваат толку многу напади врз бракот и семејството, бидејќи оваа вистина и реализацијата на таа слика во човечкиот живот не може да ја издржи ѓаволот кој е “лажливец и татко на лагите“ (Иван 8,44).
д-р сц. Иван Зелиќ/Жена врсна/Превод: Кате Меновска