На 10 февруари 2018, во пресрет на празникот Богородица од Лурд кога во Црквата се одбележува Светскиот ден на болните, во парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје традиционално беше организирана средба на болните и старите лица.
Заедно со волонтерите, на оваа средба присуствуваа повеќе од 50 лица, а средбата започна со Богородична песна и со преставување на катехезата на папата Фрањо за Светскиот ден на болните. Потоа, присутните имаа можност за дружење збогатено со топол напиток. По првиот дел, следеше вториот дел на средбата во катедралната капела „Света Ана“ каде присутните молеа Света Бројаница и имаа можност за Исповед. Потоа светата Миса ја предводеше бискупот Киро Стојанов кој во текот на целата средба беше присутен, а во својата пригодна проповед ја истакна мајчинската улога на Блажена Дева Марија, охрабрувајќи ги присутните за крстот кој го носат.
По светата Миса следеше ручек за сите присутни, а средбата беше завршена со песни како и со огромна благодарност кон присутните волонтери и организатори.
к.мк/е.а