Папата Лав повикува на вложување во образованието на сиромашните и мигрантите за да се поттикне интеграцијата

Папата Лав повикува на вложување во образованието на сиромашните и мигрантите за да се поттикне интеграцијата

Во својот говор до членовите на Здружението на Исусовски колеџи и универзитети, во четврток 25 јуни 2025 година, папата Лав XIV истакна дека кај младите постои „опиплива и растечка глад за Бога“ и ги повика академските институции да влезат во дијалог со големите мислители од минатото и сегашноста. Според него, вистинското образование се остварува „преку пример, а не само преку теорија“.

Папата нагласи дека најбогатите искуства често доаѓаат од луѓе кои се соочуваат со затворени врати во образованието – мигранти, бегалци и сиромашни. Затоа, тој повика овие групи да добијат пристап до високо образование. Ова, според него, не е само чин на солидарност, туку и взаемно збогатување, бидејќи тие носат нови перспективи и придонесуваат за интеграција во општеството.

Осврнувајќи се на современите предизвици, Папата го опиша општеството како сè повеќе секуларизирано, каде што се оттурнува спомнувањето на Бога од јавниот живот. Тој посочи и на други проблеми: политичка незаинтересираност за маргинализираните, губење на надежта кај младите, деградација на природата и ризиците од вештачката интелигенција.

Во овој контекст, Папата ги истакна четирите апостолски насоки на Дружбата Исусова. Првата е насочена кон барањето на Бога преку учење и истражување. Според него, секој што ја бара вистината, всушност Го бара Бога. Универзитетите треба да им помогнат на младите да ја откријат верата и да изградат личен однос со Христос.

Втората насока се однесува на придружување на сиромашните и маргинализираните. Образованието треба да ги открива неправдите и да им дава на младите алатки за создавање поправедно општество. Особено е важно да се овозможи пристап до образование за мигрантите и сиромашните, со што ќе се поттикне нивната интеграција.

Третата насока е придружување на младите во создавање иднина исполнета со надеж. Универзитетите треба да го негуваат нивниот идеализам преку дијалог, служба и молитва, потсетувајќи дека Христовото воскресение е извор на вистинска надеж.

Четвртата насока се однесува на грижата за созданието. Папата повика на изградба на заедници кои ќе живеат одржливо и одговорно, сведочејќи преку дела, а не само преку зборови.

На крајот, тој се осврна на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека универзитетите имаат задача да се соочат со нејзините предизвици и да ги применат принципите на Социјалната наука на Црквата во новата дигитална ера.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот