Задушница: И да умре, ќе живее
„Вистината боли, но лагата навредува“, вели една многу мудра поговорка. Навистина, горката вистина може да боли, но лагата која напразно теши, таа всушност многу навредува, бидејќи покасно нанесува уште поголема болка. А денес ние сме опкружени од многу такви изречени лаги, кои ни ветуваат празни зборови. Рекламите ни ветуваат големи задоволства, политичарите ни ја претскажуваат нашата иднина, хороскопите – со поголема потешкотија – ни предвидуваат сјајни денови. Сите ние знаеме дека тоа нема да биде толку едноставно, но понекогаш убаво ни е да ги слушаме овие слатки лаги.
Христовото евангелие нема такви намери. Исус никогаш не зборува напразно. Денес, кога се потсетуваме на сите наши покојни, да се потсетиме на една Исусова поговорка која ја беше рекол кога починал неговиот пријател Лазар. Тој ѝ вели на Марта, сестрата на покојникот: „Јас сум воскресението и животот: кој верува во Мене, и да умре, ќе живее (Иван 11, 25). Токму така. Исус никогаш не ветувал скромен живот, ниту кули и градови. Зборувал за крстот, за горката чаша која треба да ја испие тој и неговите ученици. Зборувал како го прогонувале Него, па според тоа ќе ги прогонуваат и неговите ученици. Исус не дошол овде, на овој земски поредок, да ја уништи болката, страданието и смртта. Многумина не сакале тоа да го разберат, па му се исмејувале велејќи: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси. Христос Царот Израилев, нека слегне сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!“ (Марко 15, 31-32). Тие исмејувачи не знаеле дека Исус ќе се прослави. И кога Исус навистина воскреснал во својата слава, не сакале да поверуваат. Тие дури не можеле ниту да сакаат да веруват дека Исус не дошол да ја отстрани болката и смртта, туку дошол да им даде смисла на болеста, на страданието и на самата смрт. Преку своето доброволно прифатено мачење и смрт Христос дошол до славата на воскресението.
Затоа денес и на нас ни препорачува: „Кој верува во Мене, и да умре, ќе живее!“ Тоа не се празни зборови. Исус знае што зборува. Од една страна не ни дава празни ветувања за брза среќа, ниту пак, од друга страна, не нѐ остава во безнадежност на човечките стрдања и неправди кои нѐ опкружуваат. „Јас дојдов да имаат живот вечен и да имаат изобилие“ ќе рече Исус во евангелието според Иван (10, 10). Тој дава целосна и вистинска смисла на нашиот живот, на сѐ она што носи животот.
Самиот Тој е најдобар пример. „Живееше со нас, еднаков беше со нас во сѐ освен во гревот, спасението им го навестуваше на заробените, а радоста на тажните,“ се вели во една молитва на Црквата. Ја претрпел и маката на неприфаќањето и отфрлувањето, ја претрпел и својата смртна борба, „послушен до смрт, смрт на крсотот“ (Филипјаните 2, 8), но затоа „бил услишен заради својата посветеност.“ Бог го издигнал и го поставил над секое создание.
Денес, срдечно и побожно го повикуваме Божјото милосрдие над нашите покојни. Молиме Бог да не гледа на нивните гревови, туку на Христос нашиот Спасител и на верата на неговата Црква. Но исто така да се молиме и едни за други, Господ овој наш овоземен живот да го исполни со смисла. Токму како што вели денешното богослужење: „Господи, на твоите верни животот се менува, но не се одзема. И откако ќе се распадне домот на овоземното живеалиште, се стекнува вечно живеалиште на небесата.“
Не бараме празна надеж, туку само да се исполни и на нас Исусовото ветување: „Јас сум воскресението и животот: кој ветува во Мене, и да умре, ќе живее.“
Вера и дела/З.А.