На 23 јуни 2017 на празникот „Пресвето Срце Исусово“ заштитник на Скопската бискупија и Скопската катедрална парохија во Скопје и по повод одбележувањето на 115 годишнината на патронот на парохијата, свечената евхаристиска прослава во катедралата ја предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов.
На самиот почеток следуваше процесија околу скопската престолнина со слика од Пресветото Срце Исусово, а во текот на процесијата се пееја литургиски напеви во чест на Божјото Срце. По доаѓањето во катедралата на почетокот на Мисната прослава поздравни зборови искажа скопскиот парох дон Давор Топиќ, поздравувајќи го бискупот Стојанов, собраќата свештеници, сите присутни како и членовите на дипломатскиот кор меѓу кои беа: францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, полскиот амбасадор Јацек Мултановски, унгарскиот амбасадор Дукс Ласзло Иштван, полската конзулка Катарзина Птасинска и претставникот на италијанската амбасада Филипо Кандела.
Во концелебрација со бискупот Стојанов беше скопскиот парох дон Давор Топиќ, директорот на „Каритас“ монс. Антун Циримотиќ, деканот на Апостолскиот егзархат о. Зоран Стојанов, скоскиот викар дон Јошт Мезег, како и свештеници од бискупијата и апостолскиот егзархат.
Во пригодната проповед бискупот Стојанов рече: „Драги браќа и сестри, празнувајќи го таинството на Пресветото Срце Исусово навлегуваме во најдлабоката длабочина на Исусовото божество и човештво. Да имаме на ум кога се говори за срце, Библијата не мисли на орган на нашето тело, туку како на центар на нашето битие. Но, вистина е и дека никогаш не било толку многу болести, колку што ги има денес. И покрај сите достигнувања на медицината денес, сепак, немилосрдната и често ненадејна смрт коси и носи животи. Да не зборуваме за одговорноста на неброен број луѓе кои за својата телесна состојба сами се виновни. Сега кога во многу држави е допуштен абортусот, а од неодамна и евтаназијата, човечкиот телесен живот – се извинувам на изразот – стана економска вредност. Се прашуваме: каде оди оваа цивилизација на смртта?„
„Црквата во наше време ја препознава својата незаменлива улога во тоа послание. Но, папата Фрањо покажа каде треба да се почне со културата на животот по култивирањето на срцето. Исус, имено вели: фала ти Оче, што ова им го откри на малите. Господи, знаеме дека Црквата е жив организам на твоето тело, знаеме и тоа дека организмот во некои мигови може да биде без свест, но никогаш без срце, бидејќи срцето е љубов, а и Бог е љубов. Без твоето срце нема Црква затоа направи го нашето срце според срцето Твое“ рече бискупот Стојанов, коментирајќи ја плочата која е поставена во катедралата, а чие што значење е од голема историска важност затоа што таа говори за тогашната катедрала и нејзината посвета од 1902 година во Скопје. Исто така нагласи дека за време на земјотресот во 1963 година во Скопје тогашната катедрала беше оштетена, а под притисок на рацете на непријателот, користејќи ја таа пригода, била разурната. Им заблагодари на сите оние кои ја пронајдоа и ја обновија, за денес на 115 годишнината од патронот на парохијата оваа плоча да може да биде откриена и на тој начин да говори за нашата историја.
По исповедта на Верувањето следеше молитвата на верниците комбинирана со принесувањето на даровите каде прво се принесе Лебот од рацете на сестра Роберта: „Лебот ти го принесуваме во знак на благодарност за опстанокот на оваа мала и постојана, жилава и радосна заедница. По него ти заблагодаруваме за верноста на сите оние кои и служеле на оваа црква од времето на древната Скопска бискупија па до денес: за сите благо покојни бискупи и свештеници, монаси и монахињи; за секој верник на твоето мало стадо на овие простори.“ Вино: „Симбол на радоста Ти го принесуваат сопружниците Иванчо и Нада Велкови од таканаречен мешан брак. Животниот простор во татковината што си ни ја подарил е обележан со разновидност; различни и поинакви. Обземени и преобразени со таинството на денешниот празник Ти расти во нас и помогни ни во секоја наша средба да победува твојата љубов Христе„. Свеќа: „За прославата на нашиот патрон и одбележувањето на 115-годишнината од посветувањето на Скопската парохија на Пресветото Срце Исусово Виолета ја принесува оваа свеќа како знак на постојана евангелизација – обнова во и по Евенгелието – на што сите сме повикани. Посебно ти ги доверуваме сите кои денес и служат на оваа црква: нашиот месен пастир бискупот Киро, свештениците, монахињите и сите тука присутни верници од парохијата.„ Света Бројаница: „Брачниот пар Павле и Марија Укајдари кој оваа година во нашата парохија ја прослави педесет годишнината од бракот и ги обнови ветувањата на верност и љубов, во оваа Година на молитвата принесуваат Бројаница„. Топка: „Во оваа топка која се пренесува ти ги носиме сите срца на младата генерација од нашата парохија: на децата и на младите. Ти ги доверуваме во оваа прилика сите настојувања на Светиот Отец, посебно оние за подготовките на Синодата за млади, за да ги вклучат младите во делувањето на црквата и општеството, бидејќи тие не се само иднина, туку и наша сегашност.„ Букет цвеќе принесе ромското семејство: Во знак на наша благодарност Дејан и Оливера со децата ти го принесуваат овој расцутен букет. Помогни ни да бидеме заедница која пред културата на отфрлањето и затвореноста ќе сведочи за убавината на културата на прифаќањето и отвореноста, заедница во која секој го наоѓа својот дом, раширени раце и отворено срце.„
Во оваа пригода бискупот Стојанов го додели својот Апостолски благослов на диецезанскиот бискуп со целосно простување на гревовите. Со звуците на прелудиумот, предводени со асистенцијата на министрантите, свештениците и бискупот се упатија кон плочата, која во оваа пригода бискупот Стојанов ја откри, а беше прочитан и текст на латински јазик како и на македонски јазик со објаснување.
Во текот на мисата пееше катедралниот хор под диригентската палка на с. Татјана Атанасова. Заедништвото меѓу верниците, свештениците и бискупот продолжи во дворот на катедралата, со закуска и песни во изведба на парохискиот бенд „Агапе“.
Натписот од плочата:
ОВОЈ ХРАМ ЗАПОЧНАТ Е ВО СЕДМАТА ГОДИНА ОД НАДБИСКУПСКАТА СЛУЖБА НА ПРЕВОЗВИШЕНИОТ ГОСПОДИН ПАШКАЛ ТРОКСИ И БЛАГОСЛОВЕН ОД ИСТИОТ НАДБИСКУП
НА ДЕН 2 ДЕКЕМВРИ 1902.
Текст со објаснување:
ОВАА ПЛОЧА ПРЕТСТАВУВА СПОМЕН НА НАСТАНОТ ОД 1902 ГОДИНА, КОГА КАТЕДРАЛАТА ВО СКОПЈЕ Е СТАВЕНА ПОД ЗАШТИТА НА ПРЕСВЕТОТО СРЦЕ ИСУСОВО.
КАТЕДРАЛАТА ШТО ТОГАШ СЕ НАОЃАЛА НА МЕСТОТО НА СЕГАШНАТА СПОМЕН КУЌА НА МАЈКА ТЕРЕЗА БИЛА РАЗУРНАТА ВО КАТАСТРОФАЛНИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО 1963 ГОДИНА.
ПЛОЧАТА БЕШЕ ПРОНАЈДЕНА ВО БЛИЗИНА НА ЦРКВАТА СВЕТИ ЈОСИФ НА БИТ ПАЗАР ВО СКОПЈЕ ВО ЈУБИЛЕЈНАТА ГОДИНА НА МИЛОСРДИЕТО ВО ЛЕТОТО ГОСПОДОВО 2016. НА ОВА МЕСТО Е ПОСТАВЕНА ВО ЧЕСТ НА 115-ГОДИШНИНАТА ОД ДЕНОТ КОГА СКОПСКАТА ПАРОХИЈА БИЛА ПОСВЕТЕНА НА ПРЕСВЕТОТО СРЦЕ ИСУСОВО, А ПО ПОВОД ПРОСЛАВАТА НА ПАТРОНОТ, ВО ЛЕТОТО ГОСПОДОВО 2017.
к.мк