Папата: Царството Божјо се темели на љубовта и е вкоренето во срцата

Папата: Царството Божјо се темели на љубовта и е вкоренето во срцата

Царствата кое се темелат на оружје и кршење на правата, порано или покасно пропаѓаат

Царствата кои се темелат на моќта на оружјето и кршење на човековите права се кревки и порано или покасно ќе пропаднат, а царството Божје се темели на љубовта и е вкоренето во срцата – рече папата Фрањо на молитвата Ангел Господов во недела 25 ноември 2018 година на плоштадот Свети Петар во Ватикан. Празникот Христос Цар на целото создание, кој се слави оваа недела на крајот од литургиската година нѐ потсетува дека животот на созданијата не напредува неорганизирано, туку се движи кон конечната цел, кога ќе се објави Христос, Гоподарот на историјата и целото создание. Крајот на историјата ќе биде неговото царство – рече Папата.

Евангелието од денешната литургија (Иван 18,33-37) ни зборува за Христовото царство, истакнувајќи ја неговата понижувачка положба во која се најде, откако беше уапсен во Гетсиманската градина; го врзаа, навредуваа, го обвинија и го одведоа пред ерусалимските власти – рече Светиот Отец и продолжи: Го однесоа кај римскиот намесник како некој што сака да дојде до политичка моќ за да стане еврејски цар. Пилат поради тоа започна истрага и за време на испитувањето два пати го прашува дали Тој е цар (Иван 18,33.37).

Исус најпрво одговара дека неговото царство „не е од овој свет“ (Иван 18,36). Потоа вели: „Ти велиш дека сум Цар“ (Иван 18,37) – цитираше Папата и додаде: Од целиот живот на Исус се гледа дека нема желба за политичка власт. По умножувањето на лебовите, луѓето биле воодушевени од направеното чудо и сакале да го прогласат за цар, како би ја срушиле римската власт и повторно би го воспоставиле израелското царство. Но, за Исус царство е нешто друго и сигурно не се остварува со пресврт, насилство и со силата на оружјето.

Затоа Исус се повлекува на гората за да се помоли (Иван 6,5-15) – рече Папата и додаде: Сега, одговарајќи му на Пилат, покажува дека неговите ученици не се бореа за да го одбранат. Затоа вели „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците“ (Иван 18,36). Исус сака да сфатиме дека над политичката моќ има друга многу поголема, која не се постигнува со човечки средства. Дојде на светот, за да ја извршува таа моќ, сведочејќи за вистината (Иван 18,37).

Станува збор за божествената вистина која на крајот е важната порака на евангелието: „Бог е љубов“ (1Иван 4,8) и Тој сака во светот да го воспостави своето царство на љубов, правда и мир – рече Светиот Отец и истакна: Во тоа царство Исус е цар и тоа се протега до крајот на времињата. Историјата нѐ учи дека царствата кое се темелат на моќта на оружјето и кршење на човековите права, порано или покасно пропаѓаат. Но, царството Божјо е втемелено на Неговата љубов и е вкоренето во срцата, а на оние кои го примаат им дава мир, слобода и полнина на животот.

Сите ние сакаме мир, слобода и полнина – рече папата Фрањо и поттикна: Да дозволиме Божјата љубов, царството Божјо и Исусовата љубов да се вкоренат во нашите срца и ќе имаме мир, слобода и полнина. Исус денес нѐ бара за да му дозволиме да биде наш цар. Цар кој со својот збор, пример и живот жртвуван на крстот нѐ спаси од смртта; кој го покажува патот на изгубениот човек; дава ново светло на нашите животи обележани со сомнежи, страв и секојдневни искушенија. Но не смееме да заборавиме дека Неговото царство не е од овој свет.

Дава нова смисла на нашите животи, кои понекогаш се искушувани со тешки искушенија, па и со нашите грешки и гревови, ќе може да ни даде само ако не ја следиме логиката на светот и неговите цареви. Блажена Девица Марија нека ни помогне да го прифатиме Исус за цар на својот живот и да го шириме Неговото царство, сведочејќи за вистината, која е љубовта – рече на крајот Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот