Последната вечера – тема на духовните вежби

Последната вечера – тема на духовните вежби

„Лебот и телото, виното и крвта“ – беше темата земена од Евангелието според Матеј, во кое зборува за Последната вечера, а за која фрањевецот патер Џулио Микелини зборуваше во третото размислување одржано претпладнето на 7 март, пред Папата и Римската курија, за време на духовните вежби во Арича.

Од целосната Исусова традиција во телото и крвта за спасението на човечкот род, проповедникот извлече порака на единството и заедничкото учество за сите христијани.

На Тајната вечера – прослава и заедништво, но и грев и слабост

Во размислувањето патер Микелини тргна од антрополошката, теолошката и егзистенцијалната димензија на заедничката вечера во кое се гледа – како што објаснил – убавината на взаемното споделување, но и нашата човечност, грев и слабост, симболички претставени со храната. За тоа ни зборуваат многубројни настани во Библијата, па сѐ дури до „Лаудато си“ на папата Фрањо, кога зборува за самољубието во однос на храната.

Може да замислиме што се случило на таа вечера – рекол патер Микелини. Тоа било прослава; јасно е дека им било убаво да бидаат заедно. Но, заедничкото дружење ја нагласува и нашата човечност. И тие фактори се присутни на Исусовата вечера. Најпрво, факторот на љубовта, со која таа вечера била подготвена, и љубовта која Исус ја нуди преку храната која ја дарува. Меѓутоа, на оваа вечера е присутна и омразата, слабоста и поделбата – рече фрањевецот и забележа – ако размислиме добро, јадењето храна е поврзано токму со човечката димензија.

Тоа е димензијата на слабоста, на признавањето дека не сме самодоволни, а да јадеме заедно со другите значи да им го признаеме овој „ограничен статус“ на созданијата, како оној кој бил видлив и на вечерите на првите христијани, за кој зборува свети Павле до Коринтјаните. Тие биле – како што истакна патер Микелини – обележени со приврзаноста на секој за своето јадење и со недостаток за вистинското взаемно споделување. Симблично е што токму во овој контекст на слабоста на Последната вечера произлегло предавството на Јуда, за кое веќе долго размислувал.

Исус остава знак за своето присуство во иднината – се дарува самиот себе во телото и крвта

Меѓутоа, исто така е симболично – истакна проповедникот – тоа што Исус, токму оваа ноќ кога бил предаден, не го земал својот дар, туку го дава сето она што му останало: телото и крвта. Токму после заедничката вечера, Исус дава пример и знак на својата присутност во иднина. За нас кои веруваме во Исус, Словото стана тело. Затоа сето онаа што Исус, Синот, го дал од себе, своето божество, сето тоа е прикажено во овоплотувањето. Како што вели свети Павле: Исус, иако имаше божествена природа, не ја сметал за привилегија да биде како Бога. Затоа неговото човештво морало да биде дарувано во оној леб – истакна патер Микелини.

Само преку страданијата се доаѓа до простувањето на гревовите

Според зборовите на Матеј за чашата, на Последната вечера, се истакнува првенствениот фактор, односно Исусовата крв поврзана со простувањето на гревовите – рече патер Микелини. Ќе биде пролеана за многумина, за простување на гревовите. Кој го чита тоа евангелие конечно ќе го открие значењето на Исусовото име, „Бог ќе спаси“, и ќе разбере на кој начин ќе го направи тоа – преку страданието.

Би можеле да кажеме дека е премногу лесно да се каже: ‘Бог те сака’. Премногу е лесно да се каже: ‘Бог ти простува’. На крајот – рече проповедникот – нас ништо не нѐ чини да кажеме: ‘Твоите гревови се простени’. Но само овде, со пролиената крв, конечно излегува на виделина начинот на кој гревовите се простени, односно со Христовата смрт. Бидејќи, како што вели Псалмот, само Бог може да ја плати цената на гревот. Човекот не може да се откупи самиот себе.

Христијаните нека растат во единство и заедничко учество

На крајот од медитацијата патер Микелини даде три прашања за размислување. Првото се однесува на нашиот однос кон храната; затоа поттикнал да не бидеме приврзани, туку да имаме власт над самите себе. Вротото пак е повик за раст во единството на христијаните, како учениците околу Исус на вечерата; а последното прашање е за простувањето. Овде патер Микелини поттикна да бидеме навистина свесни дека Исус, и тоа не само со зборови, туку навистина, и со сопствениот живот, го обезбеди за нас милосрдието на Отецот.

РВ/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот