Папата за мигрантите: Морален императив за да се прифатат

Папата за мигрантите: Морален императив за да се прифатат

Со правото дека можат да се иселат, на луѓето треба да им се загарантира и правото да не бидат принудени да емигрираат, имајќи во сопствената земја можност за достоен живот– истакна папата Фрањо на 21 февруари 2017 година, примајќи ги во Ватикан учесниците на VI. меѓународен форум „Миграцијата и мирот“.

Со правото дека можат да се иселат, на луѓето треба да им се загарантира и правото да не бидат принудени да емигрираат, имајќи во сопствената земја можност за достоен живот. За оние пак кои бегаат од војните и прогонствата треба да се отворат достапни и сигурни хуманитарни коридори – истакна папата Фрањо на 21 февруари 2017 година, примајќи ги во Ватикан учесниците на VI меѓународен форум „Миграцијата и мирот“, кој е во тек во Рим.

Поздравувајќи го Светиот Отец, надбискупот Силвано Марија Томази, член на Папскиот совет Правда и мир, објасни дека на форумот на секои две години се собираат различни општествени и политички протагонисти кои бараат нови патишта за хуманизирање на појавата миграција и за ублажување на страданието на мигрантите. Пред говорот на Папата, неколку доселеници ги пренесоа своите искуства.

Во раскажувањето на една жена од Еритреја, која со семејството пристигнала во Италија поминувајќи низ пустина и преку море, може да се види драмата на оние кои се принудени да побегнат од сопствената земја заради конфликти, насилство и сиромаштво. Миграцијата, секогаш постоела, но – истакна Папата – загрижува присилната природа на голем број денешни миграциски движења, кои ги зголемуваат предизвиците кои стојат пред политичката заедница, граѓанското општество и Црквата.

Затоа истакна четири фактори кои би требало да го опфатат заедничкиот одговор: да се прифати, заштити, да се промовира и интегрира. Често сме наведени на тоа – рече Светиот Отец – во ближниот да не гледаме брат кој треба да се прифати. Пред тој вид одбивање вкоренето, на крајот, во самољубието и во засилената популистичка демагогија, итно е потребно да се промени однесувањето, за да ја надминеме рамнодушноста и пред стравовите да го ставиме великодушното прифаќање на оние кои чукаат на нашата врата. За оние пак кои бегаат од војните и страшните прогони, кои често се фатени во спиралата на бескрупулозните криминални организации, треба да се отворат достапни и сигурни хуманитарни коридори – истакна Папата.

Меѓутоа не е доволно да се примат, потребно е и да се заштитат мигрантите кои се ранливи во однос на искористувањето и насилството. Да се заштитат тие браќа и сестри е морален императив кој треба да се оствари, применувајќи правни, меѓународни и национални, јасни и соодветни инструменти; донесувајќи исправнни и далекусежни политички одлуки; применувајќи соодветни програми во борбата против – како што рече папата Фрањо – „трговците со човечко месо“ кои заработуваат на неволјата на другите луѓе; и усогласување на напорите на сите вклучени во тие постапки, меѓу кои можете да бидете сигурни секогаш ќе биде и Црквата – загарантира Папата.

Развојот без сомнение е право на секое човечко битие. Но, во тоа – според зборовите на Папата – е потребно усогласено делување. Промовирањето на човечкото достоинство на мигрантите и нивните семејства започнува во заедниците од кои доаѓаат, таму каде, заедно со правото на емигрирање, треба да им биде загарантирано и правото да не мора да емигрираат, односно правото во татковината да пронајдат услови кои ќе им овозможат достоен живот. Со таа цел треба да се поттикнат напорите за остваруање на програмите за меѓународна соработка – рече Светиот Отец.

Што се однесува пак до интеграцијата, Папата истакна дека таа не е ниту изедначување, ниту приврзаност, туку двонасочна постапка која се заснова на взаемно признавање на културното богатство на другиот. Поинаков однос кон оние кои се принудени да ја напуштат сопствената татковина е должноста на праведност – истакна папата Фрањо – затоа што не се повеќе одржливи, ниту прифатливи постоечките економски нееднаквости; сите – според зборовите на Папата – треба да ги уживаат плодовите на земјата.

Не може некоја мала група поединци да го контролира богатството на половина од светот. Не може мноштво луѓе и цели народи да имаат само право на собирање на трошките (…) – истакна Папата. Да се спроведува правда значи исто така да се помири историјата со глобализираната денешница, не спроведувајќи ја логиката на искористувањето на луѓето и териториите, кои одговораат за најциничното користење на пазарите, за да се зголеми благосостојбата на мали групи луѓе.

Папата Фрањо потоа повторно потсети и на централната положба на човечкото битие и неговото достоинство во сите него состојби, затоа што мигрантот има неотуѓиви права кои не можат да се кршат, ниту занемаруваат. Исто така важно е повторно да се истакне вредноста на братството. За нас христијаните, гостопримството кое го нудиме на странецот е гостопримство понудено на самиот Исус Христос.

Заради тоа сите треба да го променат односот кон мигрантите и бегалците; треба да се премине од однесување на одбрана и страв, незаинтересираност и маргинализирање – што на крајот одговора токму на „културата на отфрлање“ – на однесување кое во основата ја има „културата на средба,“ која е единствено е во состојба да гради на поправеден и братски, подобар свет –истакна папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот