Папата: Тешко на Црквата или на некоја посветена личност, или на конгрегација ако го загуби вкусот
Светата Литургија која папата Фрањо ја служеше во базиликата Свети Иван Латерански на 21 јануари 2017 година беше завршниот обред од Јубилејот посветен на 800 годишнина на доминиканската монашка заедница.
Тоа беше и посебна можност за благодарност до Отецот – како што рече Папата во проповедта – за делото кое помогнало на мажите и жените да не се вплетуваат во световната површност, туку да го почувствуваат вкусот на Евангелието, станувајќи творци на добри дела.
Ова беше историско славење полно со емоции, кое на некој начин потсети на 21 јануари 1217 година, кога со папската була, токму од Латеран каде престојувал папата Хонориј III дефинитивно е потврдено раѓањето во крилото на Католичката црква, редот на шпанскиот светец свети Доминик де Гузман, Редот на проповедниците.
Карневалот на световноста постои во секое време
Во секоја доба, денес, како и во времето на свети Доминик, како и пред две илјади години, кога апостол Павле му пишува на ученикот Тимотеј – рече Папата коментирајќи го Словото Божјо – животот се движи помеѓу две човечки спротивставени сценарија: „карневалот на световната љубопитност“ и „величањето на Отецот преку добрите дела.“ Павле го предупредува Тимотеј дека ќе мора да го навестува Евангелието во ситуации во кои луѓето бараат секогаш нови учители, бајки, различни науки, идеологии. Тоа е „карневал“ на световната љубопитност, заведување. Заради тоа апостолот го поучува својот ученик, користејќи и силни зборови: инсистирај, предупредувај, опоменувај, поттикнувај, бдеј, поднесувај страдање – објасни Папата.
Денес преовладува релативизмот и барањето минливи работи
Денес – според зборовите на папата Фрањо – тоа сценарио се развива и глобализира заради заведувањето од субјективистичкиот релативизам. Стремежот за барање новост, која е сопственост на човечкото битие, пронаоѓа идеална средина во општеството на изгледот, потрошувачката, во кое често се ставаат во употреба и стари работи, но важно е да изгледаат како нови, привлечни, примамливи. И вистината е маскирана – рече Папата и додаде: Се движиме во т.н. „течно општество“, без постојани упоришта, незасновано, без цврсти и трајни столбови; во култура на минливост, во култура на „употреби и фрли.“
Добрите дела на Црквата се одговорот на течното општество
Но, постои и сценарио кое е спротивно на тој „световен карневал“ – за кој Светиот Отец говореше наведувајќи ги зборовите од Евангелието според Матеј – а тоа е величањето на Отецот Кој е на небесата. Од невистинита славеничка површност преминува на величање кое е вистинско славење – рече папата Фрањо и додаде – и тоа благодарение на добрите дела на оние кои, станувајќи Исусови ученици, станале „сол“ и „светлина“. Тоа е Исусовиот одговор, и одговорот на Црквата; тој е цврстиот столб во „течната“ средина: добрите дела кои можеме да ги оствариме благодарение на Христос и Неговиот Свет Дух.
Свети Доминик ги преобразил мажите и жените во творци на добри дела
Тешко на Црквата, или на некоја посветена личност, или на конгрегација ако го загуби вкусот; кога повеќе за ништо не би служила – предупреди Папата. Така било со свети Доминик кој, полн со Христовата светлина и сол, служел на Евангелието со зборови и со животот. Да го величаме Отецот заради неговите дела, кои со милоста на Светиот Дух направил голем број мажи и жени да не се впуштат во „карневалот“ на световната љубопитност, туку го почувствувале вкусот на здравата наука, вкусот на Евангелието, и тие станале светлина и сол и творци на добри дела – рече на крајот Светиот Отец.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк