Во Скопје промовирана книгата „Благородното дело на отец Јосиф и на сестра Еврозија Алоати“

Во Скопје промовирана книгата „Благородното дело на отец Јосиф и на сестра Еврозија Алоати“

Во среда, 9 ноември 2016 година, во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ се одржа промоција на капиталното дело на д-р Христо Драгов „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“. Книга која говори за историјата на монашката заедница на сестрите Евхаристинки. Возбудлива сторија за братот и сестрата Алоати кои кон крајот на 19 век дошле во Македонија и тука ја започнале својата мисионерска работа.

Пред исполнетата со публика, а по овој повод свечено украсена Катедрала, во присуство на Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов, книгата ја промовираа проф. д-р Виолета Христова и г-ѓа Катица Трајковска Абјаниќ кои говорејќи за делото го истакнаа значењето на оваа книга не само за црковните кругови, туку и за пошироката јавност. Свое обраќања имаа и Генералната поглаварка на редот на Заедницата на сестрите Евхаристинки, сестра Максимилијана Пројкова, Поглаварката на провинцијата на Божјото провидение заедница на Сестрите Евхаристинки во Македонија, провинцијалката сестра Стефанија Георгиева и се разбира преведувачката на книгата, сестра Татјана Атанасова. Завршен збор со желба книгата да стигне до што поголем број на читатели имаше Бискупот Стојанов.

Приказната во оваа книга се базира врз документи и историски факти (писма, фотографии, книги…) за двајца мисионери, братот и сестрата Алоати кои во Македонија кон крајот на 19 век доаѓаат од Торино и остануваат до крајот на својот живот на овие простори. Благородното мисионерско и просветителско дело на Јосиф и Еврозија e автентичен пример за несебична љубов, разбирање и помош на македонското население во јужните делови на Македонија кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Деца од богато италијанско семејство, потомци на фабриканти на свила, животот му го посветуваат на Бога – братот станува свештеник, а сестрата чесна сестра. Алоати како свештеник мисионер и покрај неговата желба да биде мисионер на далечниот Исток ја следи Божјата промисла и доаѓа во Македонија.

Пред портретите на отец Јосиф и сестра Еврозија, делови од книгата читаа актерот Томе Витанов и м-р Ена Абјаниќ, а во музичкиот дел настапија Марија Докузова (оргули), Јулија Нелковска (виолина) Серафина Фантаузо (солистка) и Нарциса Тунтева (солистка).

Во среда 16 ноември 2016 година во 19 часот, промоција на книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати ќе се одржи во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица.

к.мк/К.Т.А

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот