Папата Фрањо: Бог го променува светот, променувајќи го човечкото срце

 „Бог го променува светот променувајќи го нашето срце, а тоа не може да се направи без нас“ – силни беа зборовите на Светиот Отец кој во недал 2 октомври во црквата Безгрешна Дева Марија, во Салезијанскиот центар, во Баку, им ги упати на верниците, предводејќи ја свечената Света Миса. Во својата проповед се фокусираше на два темелни аспекти на христијанскиот живот: верата и служењето.

Во првото читање пророкот Авакум, го моли Бога да му дозволи да посредува и повторно да ги воспостави правдата и мирот кои луѓето ги уништиле. Меѓутоа Бог не посредува директно, туку повикува да се чека, не губејќи ги трпението и надежта, особено нагласувајќи ја важноста на верата. Бидејќи „човекот од верата ќе живее“ (Авак. 2,4). Исто така Бог прави и со нас – рече Папата и продолжи – го променува светот променувајќи го нашето срце, а тоа не може да го направи без нас. Оваа отвореност кон него, оваа доверба во него се „Победата која го победува светот: нашата Вера (Ив 5,4). Бидејќи Бог кога наоѓа отворено срце, полно со доверба, може да направи чуда – истакна папата Фрањо.

Потоа Папата се осврна и на молбата на апостолите: „Зголеми ја нашата вера“. Но Исус од нас бара да имаме вера, бидејќи верата која е Божји дар и кој секогаш е потребен, се негува од наша страна. Тоа не е некоја магична сила која слегува од небото, ниту наследство кое еднаш засекогаш се прима, а ниту пак некоја „супер моќ“ која ни служи за да би си ги решиле проблемите во животот – рече Папата и предупреди: верата да не се меша со благосостојбата или со чувството на задоволство, бидејќи на нас ни е добро, ниту со утехата бидејќи во срцето имаме малку мир. Верата е златен конец кој нѐ поврзува со Господ, чиста радост за да се „биде со него“, во единство со него; тоа е дар кој вреди како целиот живот, но кој донесува плод доколку ние го правиме оној дел што се очекува од нас – додаде Светиот Отец и продолжи…

А нашиот дел е служењето. Верата и служењето не може да се одвојат; директно се поврзани. Кога верата е поврзана со служењето, срцето останува отворено и младо и е приклонето да прави добро. Тогаш верата – како што ни вели Исус во Евангелието – станува силна и прави чуда. Таа созрева и зајакнува – под услов секогаш да остане поврзана со служењето.

Но, служење, што е тоа? праша Светиот Отец и продолжи – Исус од нас бара целосна достапност. Живот со целосна достапност без никакви пресметувања ниту лична корист. Зошто го бара Исус тоа? – заради тоа што Тој нас така нѐ засака, станувајќи наш слуга, љубејќи нѐ до крајност. Секој пат кога ја славиме Евхаристијата, доколку имаме намера да му бидеме на располагање и да му служиме, Господ доаѓа меѓу нас. Секогаш е Тој кој нѐ пресретнува, служејќи ни и љубејќи нѐ повеќе отколку што може да замислиме или сме заслужиле. Нѐ повикува да го наследуваме говорејќи: „Ако некој сака да ми служи нека ме следи“. Затоа, сме повикани на служење со цел да би го наследувале Бог – кој од љубов кон нас стана слуга. Повикани сме на живот во служење, при што служењето е еден стил на живот. Да му служиме на Бога во обожувањето и молитвата; да бидеме отворени и достапни; конкретно да го сакаме ближниот; да се грижиме со задоволство за заедничкото добро – рече папата Фрањо.

Папата исто така предупреди и на искушенијата кои демнеат над верниците и ги оддалечуваат од служењето. „Каде што нема служење, животот е бескорисен!“ И овде исто така може да најдеме две искушенија: првото: да допуштиме срцето да ни стане млако. Млакото срце се затвора во живот на мрзливоста и го загушува огнот на љубовта. Сигурен сум – рече Светиот Отец – дека нема да дозволите срцето да ви стане млако, гледајќи ги примерите кои во верата ви претходеле. Целата Црква ве гледа и ве охрабрува: мало стадо, многу скапоцено во Божјите очи – рече Светиот Отец.

Второто искушение е – продолжи Папата – да бидеме „премногу активни“. Да ‘служиме’ само заради тоа да би добиле поени или да станеме ‘некој и нешто’. Со тоа служењето станува средство, а не крајна цел; бидејќи целта станува престиж, подоцна доаѓа желбата за моќ и големина. „Меѓу вас“ – нѐ потсетува Исус – „нема да биде така: туку кој сака меѓу вас да биде голем, ќе ви биде слуга“. На тој начин се гради и разубавува Црквата – рече Светиот Отец повикувајќи ги присутните верници да останат секогаш единствени.

На крајот Папата го повика застапништвото на Безгрешната Дева Марија и на светците, а на посебен начин света Тереза од Калкута, чии плодови на верата се присутни и меѓу народот на Азербејџан. Цитирајќи ги мудрите зборови на Мајка Тереза, а кои зборуваат токму за верата и служењето, папата Фрањо ја заврши својата проповед: „Плод на верата е љубовта. Плод на љубовта е служењето. Плод на служењето е мирот“.

РВ/З.А.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот