Папата Фрањо се сретна со патријархот Илија II

Папата Фрањо на 30 септември 2016 година кратко после 17.00 часот според локално време се сретна со Илија II католикос и патријарх на цела Грузија во палатата на патријархатот.

Папата Фрањо на 30 септември 2016 година кратко после 17.00 часот според локално време се сретна со Илија II католикос и патријарх на цела Грузија во палатата на патријархатот каде што одржа говор пред претставниците на црковните власти на Грузиската православна црква, премиерот на Грузија и истакнати преставници од академскиот и културниот живот. Папата истакна дека во овој момент односите помеѓу Грузиската православна црква и Католичката црква се цврсти што се гледа во зголемената соработка помеѓу двете Цркви и продолжи:

„Доаѓам во оваа благословена земја како поклоник и пријател на крајот од Јубилејната година на милосрдието. Свети Иван Павле II исто така беше во посета на Грузија во еден важен момент пред Големиот јубилеј на 2000 година. Дојде за да ја зацврсти „длабоката и силна врска“ со Римскиот Престол и да потсети колку е – на преминот во третиот христијански милениум – неопходен „придонесот на Грузија, тој древен пресек на културата и традицијата за изградба на нова цивилизација на љубовта“ – порача папата Фрањо.

Потсети и на фактот дека и Грузиската и Римската Црква се основани на проповедањето на апостолите: браќата Андреј и Петар. Нив ги повикал Исус да ги фрлат своите мреж и заедно да станат рибари на луѓе (Мк 1, 16-17). „Драги брате, да дозволиме Господ Исус повторно да нè погледне, да ја искусиме уште еднаш привлечноста на неговиот повик, да оставиме сè што нè спречува за заедно да го навестиме неговото присуство“ рече Светиот Отец и продолжи:

„Во тоа нè поддржува љубовта која ги преобразила животите на апостолите. Од таа љубов нема поголема; таа е љубовта која го овоплоти Господ: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели.“ (Ив 15, 13). Господ ни ја даде оваа љубов, така да можеме да се љубиме едни со други со љубовта со која тој нè љуби (Ив 15, 12). (…) Љубовта Господова нè подигнува затоа што ни овозможува да се воздигнеме над неразбирањето на минатото, пресметките на сегашноста и стравовите на иднината“, рече Папата.

Папата истакна дека грузискиот народ со векови ја сведочи таа љубов која им дава сила повторно да станат на нозе по безбројните искушенија. Таа љубов својот израз исто така го наоѓа во величествените уметнички дела. Потсети на света Нина – светица која ја ширела верата со помош на крстот направен од винова лоза – како и многу други грузиски светци чиј пример нè поттикнуваат да дадеме предност на Евангелието пред останатите работи: поревносно да евангелизираме, отколку што тоа сме го правеле во минатото, слободни од оковите на предрасуди и отворени за вечната новост на Бог.

Посака тешкотиите да не бидат пречка, туку поттик „подобро да се запознаеме, да го поделиме животниот сок на верата, поревносно да се молиме едни за други и да соработуваме со апостолската љубов во своето заедничко сведочење за слава на Бога на небесата и во служба на мирот на земјата“ и додаде:

„Со мир и простување сме повикани да ги надминеме нашите вистински непријатели кои не се од крв и месо, туку зли духови надвор и внатре во нас (Ефес 6, 12). Оваа благословена земја е богата со храбри јунаци кои го чуваат Евангелието кои како свети Георги знаат да го надминат злото“ рече Папата. Истакна бројни светци кои со својата крв ја натопиле грузиската земја и соединети со Господ во маката донесоа на таа земја пасхален плод. „Нека нивното застапништво измоли олеснување за толку христијани кои се жртви на прогон и клевета и нека ја зацврски чесната желба да бидеме братски обединети во навестувањет на Евангелието на мирот“, порача на крајот од својот говор папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот