Папата Фрањо: Војната е срам, во Асизи да молиме за мир

На колена сите заедно да го молиме Бог на мирот, подалеку од религиски поделби, сè додека не почувствуваме срам заради војната слушајќи го пискотот на страдалникот. На светата Литургија на 20 септември 2016 година во домот Света Марта Папата со овие зборови го толкуваше духот на патувањето во Асизи.

„Не постои бог на војната“ истакна Папата. Затоа што војната и нечовечноста на бомбите е дело на злото, а тоа сака да убива. Бомбите сеат смрт и рануваат, спречуваат хуманитарна помош за децата, постарите лица и болните. Затоа сите вери и религии мора заедно да молат и да плачат за мир, со вера дека е Бог – Бог на мирот.

Денешната средба во Асизи се случува заради молитва, а не заради претстава. Заради молитва за мир: најави папата Фрањо. Низ целиот свет денес се собрани на молитва католици, христијани, верници, сите луѓе со добра волја од секоја вера, бидејќи нагласува Папата: „Светот е во војна! Светот трпи!“

„Првото читање завршува со овие зборови: „Кој ги покрива ушите свои пред пискотот на сиромавиот за да не го слуша, и тој самиот ќе пишти – и нема да го чујат.“ (Изрек 21, 13) Ако денес не го слушаме пискотот на луѓето што трпат од бомбите, заради трговијата со оружје може да ни се случи и ние самите да не добиеме одговор кога кај нас дојде војната. Не можеме да ги затвораме ушите пред пискотот на нашите браќа и сестри што трпат заради војната.“

Ние војната не ја гледаме, тврди Папата. Преплашени сме од терористичките напади, но тоа не е ништо во споредба со она што се случува во земјите каде деноноќно паѓаат бомби и убиваат деца, стари луѓе, мажи и жени. Дали војната е далеку, прашува Папата: „Не, блиску е затоа што се однесува на сите. Војната започнува во срцето.“

Нека Господ ни дарува мир во срцето и ја отстрани секоја лакомост, алчност, конфликт. Не! Мир, мир! Нека нашето срце биде срце на луѓе на мирот. И подалеку од поделбите : сите, сите, сите! Затоа што сите сме деца Божји. А Бог е Бог на мирот. Не постои бог на војната: злото прави зло, ѓаволот сака да убие сè.“ Овде не смее да има верски поделби, продолжува папата Фрањо. Не е доволно само да му се заблагодаруваме на Бог затоа што војната нас не нè допира. Да бидеме благодарни истакнува Папата – но и да мислиме и на другите.

„Да помислиме денес не само на бомбите, мртвите и ранетите, туку и на луѓето, децата и старите луѓе до кои не стигнува хуманитарна помош, ниту храна, ниту лекови. Гладни се и болни. Затоа што бомбите стојат на патот. И додека денес молиме би било убаво секој од нас да се посрами заради она што луѓето, нашите браќа се способни да направат. Денес е ден на молитвата и покора, плач за мир. Ден за слушење на пискотот на сиромашните. Тој крик го отвора срцето за милосрдие и љубов и нè спасува од егоизмот“ порача на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот