Прославен патрониот празник во Петралинци
Со свечена света Литургија парохиската црква „Свети Кирил и Методиј“ во Петралинци на 24 мај 2016 година го прослави својот патронен празник. Светата Литургија во сослужение на повеќе свештеници од Апостолскиот егзархат ја предводеше о. Тони Ангелов парох во Штип, кој што одржа и пригодна проповед, а ѓаконската служба ја вршеше о.ѓ. Атанас Сирачев. Покрај верниците од парохијата на светата Литургија присуствуваа и сестрите Евхаристинки.
Отец Ангелов во својата проповед ги поттикна присутните да се запрашат: „Дали знаеме што денес славиме ние?“ Панаѓур или празникот на светите браќа. Тој истакна дека: „За жал денес многу луѓе го слават само панаѓурот, а не празникот на светите браќа, не се оди во Црква, не се моли, се слави само телесното, а не духовното. Тоа не е никаква слава, бидејќи не се почитуваат светците кои се повод на тој ден што го славиме.“ Осврнувајќи се на литургиското Евангелие о. Ангелов истакна: „Црквата нè повикува нас христијаните да бидеме светлина на нашите роднини, на нашите соседи, на нашите пријатели, на нашите познаници. Таа нè повикува да бидеме пример со нашиот живот и со нашите постапки како што биле и светите браќа Кирил и Методиј.“
На крајот од светата Литургија домашниот парох о. Ѓорѓи Појразов се заблагодари на Господ Бог, а потоа изрази благодарност и до браќата свештеници кои со своето присуство ја збогатија прославата на небесните заштитници на католичката парохија во Петралинци, посебно до о. Тони Ангелов за проповедта.
Прославата заврши со заедничко агапе во парохиската сала, за чија организација се погрижија верниците од парохијата преку донирање на средства.
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк