Велигденско бдение во Скопската катедрала
Во преполната катедрала „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје во сабота 26 март 2016 година Велигденското бдение го предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов во концелебрација со катедралниот парох дон Давор Топиќ, директорот на Каритас и на Радио Марија Македонија монс. Антун Циримотиќ, бискупскиот канцелар отец Маријан Ристов, парохот во с. Радово отец Зоран И. Стојанов, парохискиот викар дон Јошт Мезеги о. Илија Стојанов.
Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата, а потоа светлината беше внесена во катедралата додека свечената песна на велигденската свеќа ја отпеа парохискиот викар дон Мезег.
По службата на словото бискупот Стојанов во проповедта рече: „Ние вечерва се сретнавме со темелниот спасителски извадок од Стариот завет, извештај за пасхалното јагне и излеговме на слобода од Египет. Тоа е неизбежен настан на спасението на верниците на избраниот народ, бидејќи од ропство преминаа на слобода, во ветената земја во знак на крв и вода: пасхално јагне и премин низ водата на Црвеното море: тој факт е јасен предзнак во навестувањето на Новиот завет кога Христос – Божјото Јагне со својата смрт на крстот ќе го ослободи човекот од ропството на гревот и со воскресението ќе ги воведе по крштевањето со вода и Светиот Дух во ветената земја – што е Црквата.“
Потоа бискупот Стојанов продолжи: „Ова е ноќ кога можеме да пееме о блажен ли е гревот кој таков и толкав го заслужува Откупителот. Темелен настан вечерва е откажување од гревот и прифаќањето на милоста на крштевањето и сега со обновата на крстните завети, навистина станавме нов човек.“
Толкувајќи го евангелието бискупот Стојанов истакна: „Евангелието со жените нѐ води на Исусовиот гроб. Гробот е празен. Ангелскиот збор навестува несфатлив настан: „Зошто го барате Живиот меѓу мртвите?“ Тие се вознемирени, исплашени, бидејќи тие го помазаа, погребаа, како тој сега да е жив.“
На крајот од својата проповед бискупот рече: „Браќа и сестри, во овој од на верата сакам барем малку да го почувствуваме Исус, Духот на Воскресението, и да ни ги отвори камените срца и очите на Духот за да можеме да веруваме. Бидејќи, без Воскресение нашиот живот не може да има смисла. Измамник е секој кој тврди дека крајот на живото е гробот. Уште нешто: никогаш да не заборавиме дека жените од гробот станаа и сведоци и радосни навестителки на Исусовото воскресение. Тоа треба да бидеме и ние: Радосни сведоци.“
Бискупот Стојанов по проповедта ги поздрави приустните гости, претставниците на МПЦ, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, претседателот на Собрание Трајко Велјаноски, претседателот на Владата Емил Димитриев и директорката на Комисијата за односи со верски заедници Валентина Божиновска, а исто така ги пренесе поздравите и честитките од нунцијот за Македонија надбискупот Анселмо Гвидо Пекорари, како и од митрополитот за Скопската бискупија надбискупот врхбосански кардиналот Винко Пулиќ. За време на мисата пееше катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово“ под водство на диригентката сестра Татјана Атанасова, а придружбата на оргули беше на Дарко Мариновски.
к.мк