Скопје: Кардинал Паролин ја предводеше светата Литургија
Во пресрет на празникот свети Јосиф на 18 март 2016 во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, државниот секретар на Светиот кардинал Пиетро Паролин за време на дводневната посета на Македонија, предводеше свечена евхаристиска прослава во концелебрација со Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх, монс. д-р Киро Стојанов, Апостолскиот нунциј монс. Анселмо Гвидо Пекорари, како и свештениците од Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат. На Светата Евхаристија присуствуваше и председателот на РМ Ѓорге Иванов, директорката на комисијата за верски заедници, амбасадорот на РМ при Светот Престол Звонимир Јанкуловски и други членови на дипломатскиот кор.
На почетокот поздравен говор упати Скопскиот бискуп Стојанов велејќи: „Вашето доаѓање за нас е благослов и знак. За прв пат оваа месна Црква ја посети највисок достоинственик на Католичката црква, државниот секретар на Неговата Светост папата Фрањо, кој Вие лично го претставувате. Добредојдовте и Ве поздравувам во име на овде присутните верници како и на оние кои не можеа да дојдат. На оваа Ваша посета гледам како на историски момент, бидејќи со златни букви ќе биде запишан не само во книгата, туку уште повеќе во срцата на сите наши верници на Бискупијата и на Апостослкиот егзархат во Македонија. Нека ова Евхаристиско заедништво преку вашата личност нѐ поврзе во единство со Петровиот наследник, кој преку Вас го поздравуваме. Нека оваа евхаристија во чест на свети Јосиф заштитник на Црквата биде славена за Црквата, за Светиот Отец папата Фрањо кој на овој ден е интронизиран и за нашата месна црква.“
Во пригодната проповед кардиналот Паролин рече:„Драги верници, во времето во кое ние живееме, а кое често во сите свои ставови исклучиво се потпира на тоа што се гледа, доживува, докажува и нашата вера е во искушение. Од тука е на место да се постави прашањето: на што се темели нашата вера? Одговорот на Јосиф е многу јасен: на довербата во Бога. Човек во наше време е повеќе од било кога Богобарател и гладен за вистината. Никогаш во историјата не беше толку гладен за вистината како во оваа наше време на толку дезинформации и толку внатрешни фрустрации, бидејќи вистината дефинитивно е во Бога и Тој ја објавува. Пораката е Јосифовата неограничена доверба во Бога. Тоа Божјо слово кое ни го говори самиот Бог по навестувањето на Црквата е сигурен пат во барањето на вистината, но да се потсетиме дека за вистината која се прима потребна е чистота на срцето. Тоа што денес често се нуди и како вистина и како правда ниту произлегува од чисто срце, ниту наидува на плодна почва на чисто срце. Јосиф ни порачува, пред сè сега во велигденскиот пост да ги исчистиме своите срца. Бог и сега и во овој миг пред вратите на нашите срца. Тој тропа и сака да влезе во нашиот живот но да го испразниме од секој егоизам тоа наше срце.
Потоа продолжи: „Јосиф е маж кој ослушува, го среќаваме на неколку места во Новиот завет како оној кој е сиот свртен во слухот ослушувајќи ја Божјата порака која никогаш не му е дадена со глас или говор, туку во сон. Тој прифаќа не мечтаење туку сон што Бог му говори на неговото отворено срце и дух.“
Кардиналот својата проповед ја заврши со зборовите: „Имате големо наследство на светци кои ја обележаа вашата историја: светите Кирил и Методиј, заштитници на Европа, свети Наум и Климент Охридски чиј јубилеј на 1100 годишнина на смрта ја славиме оваа година, и на крај блажена Мајка Тереза која е родена и израсната токму во овој град и која наскоро ќе биде канонизирана. Нека Вашата Татковина, убава земја, вдишува радост и веселост на работата, слога, мир и напредок. Нека секое семејство биде свето Семејство: Исус, Марија и Јосиф.“
По причесната молитва бискупот Стојанов му заблагодари на кардиналот за посетата како и за охрабрувачките зборови, и прочита писмо упатено до папата Фрањо.
Потоа, Ана Мердита во знак на благодарност на секретарот му подари крст изработен во филигран, а семејството Иво и Снежана Матиќ заедно со децата на кардиналот му подари букет цвеќе.
За време на светата Литургија пееше катедралниот хор под водство на сестра Татјана Атанасова, а на оргулите свиреше проф. Марија Докузова.
к.мк/д.т.