Катедралниот хор од Скопје настапи во Словенија

Катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово“ од скопската катедрална парохија со своето пеење неуморно придонесува за убавината на богослужбите. Учествува на разни културни случувања од кои се издвојува учеството на Меѓуетничката средба кој го организира Агенцијата за остварување на правата на заедниците со наслов „Македонија, нашиот дом“. Катедралниот хор остварува и различни размени на гостувања како во татковината, така и надвор од неа. Патувањето на хорот беше во Република Словенија, во местото Логатец од каде што потекнува парохискиот викар дон Јошт Мезег.

Своето патување хористите го започнаа од Скопје во петок вечерта, 9 октомври 2015 година, а првата средба беше во манастирот на сестрите Усмиленки во Шентјакоб.

Следната станица беше центарот на Љубљана каде што имаа време за разгледување на прекрасниот град пред да се упатат во Логатец, место кое беше и цел на патувањето. Во недела хористите пееја на светата Миса во црквата Свети Никола во Доњи Логатец, а веднаш после Мисата одржаа и краток концерт. Во парохискиот дом беа пречекани од парохискиот викар Рафаел Андрзеј Кедзиерски. После средбата во парохискиот дом хористите се упатија во посета на Постојанска Јама која ги воодушеви со своите убавини. Вечерта го посетија селото Грахово каде што беа примени од парохот дон Александар Осојник. Таму хорот одржа концерт на кој македонската песна на посебен начин ја развесели публиката.

Во понеделник 12 октомври групата го посети светилиштето „Марија Помошничка“ во Брезје каде што присуствуваа на света Миса. При посетата на Блед хористите од Скопје беа пречекани од сестрите Салезијанки, кое беше и последното место за посета пред враќањето за Скопје.

Патувањето го предводеше парохискиот викар дон Јошт Мезег, а хорот настапуваше под водство на сестра Татјана Атанасова, додека на оргули хорот го придружуваше проф. Марија Докузова. На убавото хорско пеење придонесе и познатата оперска пејачка Серафина Фантаузо. Хорот настапуваше со духовни, но и словенски народни песни. Слушателите најмногу беа воодушевени од карактеристичниот македонски мелос кој хористите од Македонија им го поклонија на присутните, пеејќи македонски народни песни.

Хористисите од катедрлата Пресвето Срце Исусово се надеваат дека со ова патување беа амбасадори на културата со цел да се шири Божјата љубов.

Текст: Јадранка Чадиновска/Превод: Е. Матес

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот