Ангел Господов: Верата е дар за живот на светот

Може да се присуствува и на чудо, но ако срцето не се отвори за Божјата љубов, верата нема да процвета – истакна Светиот Отец во говорот пред молитвата Ангел Господов на 9 август 2015 зборувајќи на мноштвото верници кои и покрај летните горештини се собраа на плоштадот Свети Петар.

Осврнувајќи се на неделното литургиско Евангелие според свети Иван, Папата рече дека се продолжува со читање на шестата глава во која Исус откако го направил големото чудо со умножувањето на лебовите, на народот му го објаснува тој знак. (Ив 6, 41-51)

Како што претходно направи со Самарјанката појдувајќи од искуството на жед и од знакот на водата, Исус овде поаѓа од искуството на глад и знакот на лебот за да се објави самиот себе и да повика да се верува во Него – рече папата Фрањо.

Народот Го бара, Го слуша бидејќи е восхитен од чудото: сакале да Го направат цар! Но, кога Исус вели дека Он самиот е вистинскиот леб, даруван од Бог; многумина се соблазнуваат, не сфаќаат и започнуваат меѓусебе да мрморат: Зар не го познаваме неговиот татко и неговата мајка? Како може да каже: Слегов од небото? (Ив 6, 42). Започнале да мрморат. На тоа Исус им одговара: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати;“ и додаде „Кој верува во Мене има живот вечен“ – истакна Папата.

Овие Господови зборови нè изненадуваат и нè поттикнуваат на размислување: „Никој не може да дојде кај Мене ако не го привлече мојот Отец“ и „Кој верува во Мене има живот вечен“. Поттикнува на размислување. Овие зборови воведуваат во динамиката на верата која е однос помеѓу луѓето – сите нас – и Исус каде што главната улога ја има Отецот и секако Светиот Дух – што овде се подразбира – рече Папата додавајќи:

Не е доволно да се сретне Исус и во Него да се верува, ниту Библијата, да се чита Евангелието, тоа е важно, но не е доволно, не е доволно ниту да присуствуваш на некои чудо како што е умножувањето на лебовите…. Многу луѓе биле во допир со Исус, а не му верувале, уште повеќе го презирале и осудувале. А јас се прашувам: Зошто? Зар не ги привлекол Отецот? Тоа се случило, бидејќи нивното срце било затворено за делувањето на Божјиот Дух. А ако имаш затворено срце, верата не влегува. Бог Отецот секогаш нè привлекува кон Исус: ние сме тие кои го отвораме или затвораме своето срце – рече папата Фрањо.

Напротив верата која е како семе во длабочината на срцето процветува кога ќе се препуштиме да нè привлече Отецот кон Исус и со отворен дух, со отворено срце без предрасуди да одиме кон Него; тогаш во неговото лице го препознаваме Божјото лице, а во неговите зборови Божјото Слово, бидејќи преку Духот Свети сме влегле во односот на љубовта и животот кој е помеѓу Исус и Бог Отецот. Тогаш го добиваме дарот на верата – објасни Папата.

Затоа преку таа вера можеме да ја сфатиме смислата на „Лебот на животот“ кој го дава Исус, а тоа Тој го изразува со следните зборови: Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас е Моето тело што ќе го предадам за живот на светот (Ив 6, 51) Во Исус, во неговото „месо“ – односно во неговата конкретна човечност – е присутна целата Божја љубов која е Светиот Дух. Кој се препушта да го привлече таа љубов кон Исус оди со вера, а од Него прима живот, вечен живот – рече Светиот Отец.

Таа која примерно го живеела тоа искуство е назаретската Девица Марија: вистинска човечка личност која прифаќајќи го Исусовото Тело верува во Бог. Од неа, својата мајка да ја научиме радоста и благодарноста за дарот на верата. Тој дар не е приватна сопственост, туку треба да се дели: тој е  дар за живот на светот – заврши Папата.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот