Бог секогаш ни простува, но сака и ние да простуваме

Гревот не е едноставна грешка, туку поклонување на разни идоли кои што ги имаме, затоа треба да бараме прошка и да простуваме, истакна Светиот Отец во проповедта на 10 март

во капелата на домот Света Марта.

За да можеме од Бог да бараме прошка треба да ја следиме поуката од „Оче наш“: искрено да се каеме за своите гревови, свесни дека Бог секогаш простува, но исто така од срце да им простиме на другите– рече Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 10 март во капелата на домот Света Марта.

Бог е семоќен, но и Неговата семоќност запира пред затвореното срце; пред срце кое нема намера да прости на другиот. Тргнувајќи од делот од Евангелието во кое Исус му објаснува на Петар дека треба да прости „седумдесет пати по седум“, а тоа значи „секогаш“, Папата рече дека Божјата прошка е тесно поврзана со нашето простување на другите.

Сè зависи од тоа ние први од Бог да побараме прошка. Папата го наведе примерот од првото читање, односно како Азариј го моли Бог да ги прости гревовите на народот кој страда, но е крив бидејќи го „напуштил Божјиот закон.“ Азариј не се буни, заради страдањата не се жали пред Бог,“ туку ги признава гревовите на народот и „се кае“ – објасни Папата.

Едно е да бараш прошка, а друго е оправдување. Си згрешил? Прости, згрешив…! Едно со друго нема врска. Гревот не е едноставна грешка. Гревот е идолопоклонство, поклонување на разните идоли кои ги имаме… Азариј заради тоа бара прошка, а не се оправдува – рече Светиот Отец.

Прошка треба искрено да бараме, а навредите со целото срце да ги простуваме, по примерот на господарот од параболата од Евангелието кој на својот слуга му простил голем долг. Исус нè учи да се молиме на Бог: „Прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме ние на нашите должници.“ Ако не можам да простам, тогаш не можам ниту да барам прошка. Но, оче јас се исповедувам, одам на исповед… А пред исповедта? Се кајам за своите гревови и одлучувам дека нема повеќе да грешам. А пред тоа? Сепак уште нешто недостасува: на другите да им ги простиш навредите – рече Папата.

Завршувајќи ја проповедта Папата рече дека Бог ќе ни прости, ако и ние им простуваме на другите. Исус нè учи: прво, дека барањето за прошка не е исто што и оправдувањето затоа треба да бидеме свесни на своите гревови, сопственото идолопоклонство; второ дека Бог секогаш простува, но сака и ние да простиме. Ако не простувам тогаш во извесна смисла ја затворам вратата на Божјата прошка. „Прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме ние на нашите должници“ – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот