Ватикан е домаќин на конгрес за матични клетки
Ватикан, 11.4.2013 /к.мк/ – Водечките истражувачи на матични клетки од целиот свет на 11 април во Ватикан ќе започнат советување за видовите на терапија со матични клетки кај возрасни лица. Тридневниот ватикански конгрес „Регенеративна медицина. Темелна промена во науката и културата“ во организација на Папскиот совет за култура и фондацијата „Stem for Life“.
Конгресот сака да покаже дека Католичката Црква во однос на биоетичките прашања „не интервенира само негативно“, туку ги поттикнува позитивните развојни поместувања, рече на 9 април во Ватикан претседателот на Папскиот совет за култура кардиналот Џанфранко Равази, најавувајќи го конгресот. На дневен ред е и предавањето на минатогодишниот добитник на Нобеловата награда за медицина британецот Џон Гордон.
Според католичкото учење само истражувањето на матичните клетки кај возрасни лица за тераписка намена е морално дозволено. Употребата на матичните клетки од ембриони Католичката Црква ја одбива, бидејќи нивното добивање доведува до смрт на ембрионите што се користат за таа намена. Според ватиканските податоци моментално во светот се изведуваат повеќе од 4300 клинички истражувања кои користат матични клетки на возрасни лица и 27 истражувања што се служат со ембрионални клетки.
Тоа ќе биде втор ватикански конгрес за матичните клетки. Првиот е одржан во ноември 2011 година. Фондацијата „Stem for Life“ ја основа американскиот фармацевтски концерн Нео Стем. Ватикан со концернот и со фондацијата започна да соработува од 2010 година со цел поттикнување на истражувањата на матичните клетки кај возрасни луѓе.