Папата Фрањо: Световноста ја затемнува душата
Световните луѓе се осамени со својот егоизам и не ја гледаат реалноста, рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија во капелата на домот Света Марта.
Световноста ја затемнува душата, онеспособувајќи нè да ги видиме сиромашните кои со нас живеат со своите рани, тоа беше мислата од проповедта на Папата на светата Литургија на 5 март во капелата на домот Света Марта.
Коментирајќи ја параболата од Евангелието за богатиот и Лазар, Папата рече дека не се зборува дека богатиот бил зол, туку можеби на свој начин си верувал, два три пати годишно одел во храмот да принесе жртва, па можеби и свештеникот изобилно го дарувал, а тие му се заблагодарувале и му давале почесно место, можеби? – истакна Светиот Отец додавајќи дека богатиот не го забележувал Лазар кој бил полн со рани пред неговата врата.
Зборувајќи пак за раскошниот живот на богатиот рече дека биле затемнети очите на неговата душа и затоа не можел да ја види реалноста околу себе. Го гледал само својот живот, а не тоа што околу него се случува. Не бил зол, туку болен од световноста, а световноста ја преобразува душата, ја прекинува врската со реалноста. Световните луѓе живеат во вештачки свет, во свој свет. Световноста ја помрачува душата. Затоа човекот не може исправно да ја види реалноста – објасни Папата истакнувајќи дека во реалноста сиромашните се со нас.
Многу тешко живеат, но ако срцето им е световно тогаш тоа нема никогаш да го сфатат. Световното срце не може да ги сфати потребите на другите. Со световно срце може да се влезе во Црквата, може да се моли или да се направи било што. Но, Исус на Последната вечера молел: Оче овие ученици сочувај ги од световноста. Световноста е суптилен грев и секако е повеќе од грев, грешна е душевната состојба – рече папата Фрањо, додавајќи:
Во параболата се изречени две награди: проклетството на човекот кој се надева на светот и благословот на оној кој се надева на Бог. Богатиот го одделува од Бог своето срце: неговата душа е пуста, солена земја каде што не успева ништо, бидејќи световните луѓе навистина се осамени со својот егоизам. Тие имаат болно срце, кое тешко се лекува, предадено на световниот живот. Папата потсетува дека во параболата не се спомнува името на богатиот, бидејќи световните луѓе го губат името, тие се добростоечко мноштво, ништо не им е потребно. Па, световните луѓе го губат името – повтори Светиот Отец.
Кога богатиот умрел – како што вели параболата – запаѓа во пеколни маки и му се обраќа на Авраам да испрати некој да ги опомени неговите живи роднини. Но, Авраам му одговара дека никој нема да послушаат, ако не ги слушат Мојсеј и пророците. Папата вели дека световните луѓе сакат нешто посебно, а во Црквата сепак сè е јасно; Исус јасно зборува, го покажа патот. Но, сепак тука е и еден утешен збор – рече Светиот Отец објаснувајќи:
Бедниот богаташ во пеколните маки моли да му го испратат Лазар со малку вода за да му помогне, а што одговара Авраам, која е сликата на Бог Отецот? „Синко, сети се…“ Световните луѓе го изгубиле името; и ние, ако срцето ни е световно. Но не сме сираци. Сигурни сме дека на крајот дека Бог Отецот нè чека. На Него се надеваме. И покрај тие световности ни вели „сине“. Не сме сираци – заврши папата Фрањо.
РВ/Д.И.