Папата до Сириско-антиохиската католичка заедница: Со храбра вера против нечовечноста

Близина и охрабрување за бројните прогонети христијани особено во Сирија и Ирак, се во центарот на средбата на Папата со Сириско-антиохиската католичка заедница која заради војната својата синода ја одржа во Рим, а не на терироријата на патријархатот. На чело на сириско-католичката делегација со која што папата Фрањо се сретна беше Игнациј Јусиф III Јунан. „Преку вас можам да го проширам својот поздрав на вашите заедници распрснати по светот, да ве охрабрам особено оние во Ирак и Сирија кои преживуваат моменти на големи страдања и страв од насилството“, рече Папата. Сириско-католичката синода настојуваше да одговори на итните потреби на Црквата, а тема на расправата беше и реформата на Божествената литургија. „Таа работа бара силно почитување на традицијата и многу расудување, знаејќи колку верниците се чувствителни во поглед на големиот дар Словото и Евхаристијата“, истакна Папата, додавајќи:

„Тешката состојба на Блискиот Исток предизвика во вашата Црква, а тоа го прави и понатаму, заминување на верниците преку иселување и тоа ве става пред нови пасторални предизвици“: „од една страна треба да останете верни на изворите, а од друга страна, да се вклучите во различните културолошки рамки, во службата за спасение на душите и заедничкото добро“, објасни Папата и напомена: „Иселувањето на верниците (…) го осиромашува христијанското присуство на Блискиот Исток, земји на пророците, првите проповедници на Евангелието, маченици и многу светци, колевки на пустеници и монаштвото.“ Таквите предизвици бараат „неустрашиви пастири и верници кои се способни да го сведочат Евангелието среќавајќи се со луѓе од различни религии и народности, што понекогаш не е лесно,“ рече Светиот Отец и додаде:

„Многумина побегнаа за да се засолнат од нечовечноста која на улица го остави целото население, оставајќи ги без средства за живот. Настојувајте да ги усогласите своите сили со другите Цркви за да одговорите на хуманитарните потреби и оние кои остануваат во татковината и оние кои побегнаа во други земји.“ На крајот Папата ги поттикна да го продолжат своето „послание на надеж“, служејќи на таа стародревна христијанска заедница.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот