Слово на животот за месец декември

„Вам, пак, Господ да ви ја зголеми и да ви ја умножи љубовта еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас.“ (1Сол 3,12)

Овие зборови претставуваат еден од изразите кои му се блиски на свети Павле, а во кои тој посакува, но истовремено и бара од Господ посебни милости за својата заедница (сп. Еф 3,18 Фил 1,9 ).

Тој за Солунјаните бара милост со која нивната взаемна љубов секогаш ќе расте и ќе ја има во изобилие.Не се работи за некаков сокриен прекор заради кој во нивната заедница не постоела взаемната љубов, туку претставува повикување на закон што љубовта го содржи во себе, а тоа е постојаното растење.

„Вам, пак, Господ да ви ја зголеми и да ви ја умножи љубовта еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас.“

Љубовта е средиште на христијанскиот живот и ако таа не се развива, тоа се чувствува  во целокупниот живот на христијанинот; тој слабее, а може и да го снема.

Не е доволно тоа што осветлени со светлината на милоста сме ја разбрале заповедта  на љубовта кон ближниот, а ниту пак тоа што во воодушевувањето што го имавме на почетокот од нашето свртување кон Евангелието го вкусивме нејзиниот поттик и нејзиниот занес. Таа треба да расте и секогаш да биде жива, активна и ефикасна. Тоа ќе се случи ако со поголема подготвеност и великодушност успееме да ги препознаеме разновидните ситуации кои секојдневно ни ги нуди животот.

„Вам, пак, Господ да ви ја зголеми и да ви ја умножи љубовта еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас.“.

Свети Павле смета дека христијанските заедници треба да ја поседуваат свежината и топлината на вистинското семејство.

Затоа можеме да ја разбереме намерата на апостолите да ги заштитат од опасностите кои најчесто им се закануваат: индивидуализам, површност и просечност.

Но свети Павле сака да отстрани уште една голема опасност, тесно поврзана  со претходната, а тоа потонување во среден и мирен живот, но затворен во себе.

Тој сака отворени заедници, бидејќи карактеристиката на љубовтa е да се сакаат браќата во вера, но истовремено да се оди во пресрет на сите други, да се биде чувствителен за проблемите и потребите на другите. Карактеристика на љубовта е да се знае да се прифати секоја индивидуа, да се градат мостови, да се воочува позитивното, а сопствените желби и напори да се поврзуваат за доброто со оние кои покажуваат добра волја.

„Вам, пак, Господ да ви ја зголеми и да ви ја умножи љубовта еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас.“

Како тогаш ќе го живееме Словото на животот овој месец? Така што и ние ќе настојуваме да растеме во взаемната љубов во кругот на нашите семејства, на нашите работни места, во нашите црковни заедници или здруженија, парохии итн.

Ова Слово на животот од нас бара љубов во изобилство, љубов која ќе знае да ја надмине просечноста и различните пречки кои доаѓаат од нашата сокриена себичност. Доволно е да се помисли на некои видови на љубов, па да откриеме толку многу ситуации, за да ја живееме. Тоа се: подносливост, разбирање, взаемно прифаќање, трпеливост, подготвеност на служење, милосрдие кон вистински и наводни недостатоци на нашиот ближен, споделување на материјални добра итн.

Ако во нашата заедница завладее таков амбиент на взаемна љубов, нема сомнение дека нејзината топлина незапирливо ќе се прошири кон сите. Така и оние кои се уште не го познаваат христијанскиот живот ќе ја забележат неговата привлечност и многу лесно, речиси незабележително, ќе бидат зафатени од неа, па ќе се почувсвтвуваат како дел од исто семејство.

Кјара Лубик

Категорија: духовнитекстови

За авторот