Во пораката по повод Светскиот ден на храната папата Фрањо побара промена во развојните политики и трговски правила

За сузбивање гладот во светот не е доволно да се дава само помош; треба, всушност, да се променат развојните политики и правилата на пазарот – истакна папата Фрањо во пораката упатена до генералниот директор на ФАО, Организација на обединетите народи за храна и земјоделство, проф. Хозе Грацијано да Силви, по повод Светскиот ден на храната, одбележан на 16 октомври.

„Не“ на шпекулациите со цените во име на божеството заработката – рече папата Фрањо правејќи го свој повикот на милиони луѓе кои немаат секојдневна храна, и покрај огромните количини храна што секојдневно се фрлаат. Станува збор за еден од најдраматичните парадокси во денешнината, за кое сме немоќни, а понекогаш и индиферентни сведоци, неспособни за сомилост пред болниот крик на другите луѓе, (…) како одговорноста за тоа да е на другите, а не и наша – спомна Светиот Отец потсетувајќи се на зборовите од својата енциклика „Evangelii Gaudium” (’Радост на Евангелието’).

Со цел да се сузбие гладот – истакна Папата – не е доволно да се надминат недостаците на оние кои имаат потреба или да им се даде помош и поклони на оние кои се во криза. Неопходно е да се промени политиката на помош и развој, како и меѓународните правила во однос на производството и продавањето на земјоделските производи, кои го гарантираат самоопределувањето на сопствениот земјоделски пазар во земјите во кои земјоделството е темел на економијата и опстанокот.

Прашувајќи се до кога ли ќе се продолжи да се заштитува системот на производството и потрошувачката од кој поголем дел од светската популација е лишена дури и од трошките што паѓаат од масите на богатите, папата Фрањо рече дека дојде времето да се размисли и да се донесат одлуки тргнувајќи од секоја личност и заедница, а не од развојот на пазарот. Потоа, исто така, би требало да се променат и начинот за сфаќањето на трудот, целта и економската активност, производството на храна, како и заштитата на животната средина. Ова е можеби единствената можност да се изгради вистинската иднина на мирот, на кого денес се заканува и несиугурноста за прехрана – истакна Светиот Отец.

И покрај напредокот што се постигнува во голем број земји, најновите податоци покажуваат загрижувачка ситуација, што придонесе и до општо намалување на јавната помош за развој – напомена Папата и истакна дека треба повеќе да се признае улогата на руралните семејства и да се развијат сите нивни способности; семејството е, всушност, – според зборовите на Папата – способно да одговори на побарувачката за храна без да се уништат богатствата кои треба да се создадат. Освен тоа, заблагодарувајќи се на љубовта, солидарноста и несебичноста кои владеат меѓу своите членови, руралното семејство го одржува дијалогот меѓу различни генерации, и воспоставува темели за вистинска социјална интеграција, освен што претставува една посакувана соработка помеѓу земјоделскиот труд и одржувањето. Кој повеќе се грижи од руралното семејство за заштита на природата за идните генерации? И кој повеќе од него си има при срце за поврзаноста меѓу луѓето и социјалните групи? – праша папата Фрањо и забалежа дека прописите и иницијативите се во корист на семејството, на локално, национално и меѓународно ниво, далеку од реалните потреби на самото семејство, а овој недостаток треба да се пополни.

Во овој момент, повеќе од било кога, на светот му е потребно единство меѓу луѓето и меѓу народите, со цел да се надминат постоечките поделби и конфликти, кои се во тек, и најмногу – истакна Папата – како да се најде конкретен излез  од кризата која е универзална, но чиј терет најмногу паѓа врз сиромашните. Додека продолжува со својата хуманитарна работа на повеќе континенти, Католичката Црква е подготвена да понуди, да просветли и да го следи развојот на политиките, како и нивната конкретна реализација, свесна дека верата станува видлива доколку се применува Божјиот план за човечкото семејство и светот и тоа преку длабокото и вистинското братство кое не се однесува само за христијаните, туку ги вклучува сите народи – истакна папата Фрањо на крајот од пораката.

РВ/З.А.

Категорија: Ватикан

За авторот