Успение на Пресвета Богородица
Како и за празниците Рождество на Пресвета Богородица, Воведување во храмот на Пресвета Богородица, така и за празникот Успение на Пресвета Богоордица не постојат библиски извори поврзани со овој празник. Преданието на Црквата научува дека Богородица се упокоила како и сите луѓе, не своеволно, како нејзиниот Син, туку според нејзината смртна човечка природа сврзана со овој свет. Она што се случува со Дева Марија, ќе се случи на сите оние кои живеат по нејзиниот пример и живеат богоугоден живот на скромност, љубов и понизност пред Божјата волја. Преку неа, сите луѓе ќе бидат „благословени да бидат почесни од херувимите и неспоредливо пославни од серафимите“ доколку го следат нејзиниот свет пример. Уште повеќе, сите ќе имаат учество во вечниот живот на ЦарствотоБожјо.
По Христовото распнување, воскресение, вознесение на небо и седнувањето оддесно на Отецот, таа живеала на земјата уште 11 години. За неа сѐ до нејзината смрт се грижел љубениот Христов ученик свети Иван Богослов. На Маслиновата Гора, на местото каде се возне Христос, плачејќи се молела Бог да ја земе од овој свет. Тогаш ѝ се јавил Архангел Гавриил и ја известил дека по три дена ќе биде упокоена. Тој ѝ донел една рајска гранка од палмово дрво, која светела со светлост од небесната благодат и која ќе се носи пред одарот на Божјата Мајка, како знак на тоа дека ја победила телесната и душевната смрт. И рекол дека: „Ќе помине во бесмртен живот за да живее вечно со Бесмртниот Цар на славата”. Таа веднаш го известила за тоа светиот апостол Иван Богослов, а веста стигнала до апостолите и голем број христијани. Чудна сила ги донесува 11-те апостоли кај неа. Пред нив ја искажала предсмртната порака, нејзиното тело да биде погребено во Ерусалим, во Гетсиманската Градина, таму каде што била гробницата на нејзините родители, светите праведни Јоаким и Ана и стариот праведен Јосиф.
На денот на нејзиното Успение, таа лежела на одарот и одеднаш се осветлила куќата со необична светлост од Божјата слава. Божјата Мајка Го видела Синот како ѝ се приближува. Загледувајќи го приближувањето на Синот, Божјата Мајка радосно воскликнала: „Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој …”.
Таа се подигнала од одарот како да оди во пресрет на Својот Син и Му се поклонила на Својот Боги Му рекла да го прими Нејзиниот дух и да ја заштити од власта на темнината. Таа мирно ја предала Својата света душа во рацете на Бога, без да почувствува болка, како да заспала. Во книгата за Нејзиното чесно упокојување се вели: „Бројот на годините кои непорочната Мајка Божја ги поживеа на земјата се точно педесет и девет”.
Започнал највеличествениот, најсвечениот погреб, во поворка со многу христијани. Се слушало ангелското пеење. Апостолите го носеле на рамења одарот на Пресвета Богородица. А најнапред одел свети Иван Богослов кој ја носел светлата рајска гранка. Но, еврејските првосвештеници и книжници од завист испратиле војници да ја спречат поворката и наредиле „телото на Марија да го изгорат”, а апостолите да бидат претепани. Но, Бог ги поразил со слепило злобните гонители, а на еврејскиот свештеник Антониј, кој се обидел да го сврти сандакот, невидлив ангел му ги отсекол рацете.
Апостолите ја погребале Богородица. Кога по три дена го отвориле гробот за да ѝ се поклони свети апостол Тома, кој не бил присутен на нејзиното погребение, „ја најдоа само плаштаницата, а телото не беше во гробот”. Таа, како и Христос, доживеала телесна смрт, но во третиот ден по погребувањето била воскресната од Синот и Својот Бог, и со телото земена на небото. Богородица е вознесена е на небото.