85 години од смртта на отец Јосиф Алоати

85 години од смртта на отец Јосиф Алоати

По повод 85 годишнината од смртта на отец Јосиф Алоати, Католици.мк во соработка со Сестрите Евхаристинки, Ви претставува видео кое го пренесува писмото со датум 30 октомври 1879 година, кое отец Јосиф го напишал до неговите родители, по повод неговите монашки завети.

Отец Јосиф Алоати е роден на 20 јули 1857 година, во градчето Виластоне, 20 километри јужно од Торино во семејството на Петар Алоати и Катерина Кико. Уште во детските години покажува наклонетост кон свештеничкото звање. Како 20 годишно момче влегува во редот на Отците Лазаристи и целосно Му се посветува на Бог. На 23 септември 1882 година го добива свештеничкиот чин и копнее да Му служи на Бог како апостол во далечни земји. Неговите копнежи го носат во бескрајниот човечки океан, кој се вика Кина. Но, главниот началник на отците Лазаристи, во то време отец Фијат, го праќа во Македонија. Отец Јосиф спомнувајќи си дека преку устата на началникот говори Бог, прифаќа да оди во Македонија – како што е волјата Божја.

На 21 април 1889 година заедно со неговата сестра Еврозија Алоати, во Солун ја основаат монашката заедница на Сестрите Евхаристинки. Оваа заедница најпрво се развива во Солун, а потоа се шири во Паљурци и околните места, каде што основателите отвораат сиропиталиште и училиште, за повозрасните – работилници за шиење, како и земјоделско училише за момчињата.

Самото име „Евхаристинки“ зборува дека сестрите се посветени на Светата Евхаристија (Светото Причастие). Имено преку Евхаристијата тие работат и се жртвуваат за единството на Христовата Црква, особено на Исток. Преку грижата за Литургијата и олтарот, преку молитвата и катехизацијата се грижат да биде познат, сакан и обожаван Исус во Светото Причастие, во што се состои нивната харизма.

На 27 март 1933 година, во пет часот утрото отец Јосиф Алоати умира, погребен е следниот ден, на 28 март во Киери, Италија.

Молитва за добивање милости по застапништво на о. Јосиф Алоати

Предвечно и животворно Тројство, кое во својата доброта и милост си вдахнало во срцето на својот скромен служител Отец Јосиф Алоати, силна љубов кон Пресветото Таинство Евхаристија, херојска пожртвуваност и нескршлив мисионерски дух за Неговото распространување меѓу Источните народи, Ти се молиме, дај ни ја благодатта, која од Тебе ја просиме како знак на Твојата доброта кон него. Амин.

Оче наш… Радувај се… Слава на Отецот…           

к.мк

Категорија: Сведоштва

За авторот